Хабл направи неверојатна слика од извонредно светло ѕвездено јато во срцето на Млечниот Пат

0
Хабл направи неверојатна слика на едно мошне светло соѕвездие во срцето на Млечниот Пат

Досега најчистата слика направена во инфрацрвен спектар од ѕвезденото јато Петорка (Quintuplet). Заслуги: НАСА.

Вселенскиот телескоп Хабл (Hubble) на НАСА И ЕСА упати поглед кон фасцинантно ѕвездено јато сместено близу центарот на Млечниот Пат. Ова јато, познато како Петорка (Quintuplet), се наоѓа на 100 светлински години од центарот на галаксијата и 25.000 светлински години од Земјата, поради што овој регион до сега беше тежок за набљудување.

Но, НАСА и ЕСА решија да го приспособат мошне јакиот Хабл на овој интригантен простор, едно од најсветлите ѕвездени јата во галаксијата, со што ја направија досега најчистата слика од истото. Толку е близу до центарот на галаксијата што не може да се види во нормална светлина; наместо тоа, сликата која ја гледате погоре е направена во инфрацрвен спектар.

Ѕвезденото јато своето име го добило по неговите пет најсветли ѕвезди, но како што може да забележиме на сликата речиси е невозможно да ги пронајдеме помеѓу останатите стотици ѕвезди што Хабл успеа да ги фати од јатото. Две од овие се екстремно ретки и се познати како светлечки сини променливи (luminous blue variables), а се наречени Ѕвезда Пиштол (Pistol Star) и V4650 Sgr.

За да ја најдеме Ѕвездата Пиштол, НАСА вели дека треба да подвлечеме хоризонтална линија по центарот на сликата и „на една третина од линијата ќе ја видиме како лебди над неа.“ Ѕвездата Пиштол, една од најсветлите ѕвезди во Млечниот Пат, е сместена во маглината Пиштол (Pistol Nebula) и ќе експлодира како супернова или хипернова, што преставува најмоќен вид на супернова, во период од една до три милиони години.

Во јатото исто така има и неколку црвени супер-џинови, едни од најголемите ѕвезди во галаксијата, кои го трошат своето горивото многу брзо. Поради ова тие имаат краток век, а тоа им овозможува на астрономите да ја пресметат староста на ѕвезденото јато на отприлика 4 милиони години. Кога ќе експлодираат, енергијата која ќе ја испуштат ќе ја загрее целата материја околу јатото.

Се смета дека ова ѕвездено јато е со маса поголема од 10.000 Сончеви маси и е исто така 10 пати поголемо од други типични млади јата кои се наоѓаат во галаксијата. За жал, јатото најверојатно ќе биде распарчено за неколку милиони години од страна на гравитациските струења кои доаѓаат од сржта на галаксијата. Сепак, ова не би требало да ги спречи ѕвездите како Ѕвездата Пиштол да експлодираат.

Јатото Петорка, близу ѕвезденото јато Арки (Arches Cluster), не беше откриено сè до 1990 година поради неговата близина до центарот на галаксијата. Но, благодарение на Хабл, сега може да почнеме со разбирање на некои од овие фасцинантни региони, како овој во самото срцето на Млечниот Пат.

Преведувач: Стефан Цеков

Извор: IFL Science

Сподели.