Истражувачите од Универзитетот на Бостон објавија дека познатата Голема црвена дамка на Јупитер може да претставува мистериозен извор на енергија кој ја загрева атмосферата на невообичаено големи висини.
Сончевата светлина ефективно ја загрева Земјината атмосфера далеку над површината, на пример и на 250 милји, каде орбитира Меѓународната Вселенска Станица. Јупитер е повеќе од пет пати поодалечен од Сонцето во споредба со нас, а сепак температурите во неговите горни делови од атмосферата се споредливо високи со оние на нашата атмосфера. Изворот на оваа топлина, кој со сигурност е несоларен, веќе некое време е тема за изучување и дискутирање меѓу научниците. Астрономите ја мерат температурата на една планета преку опсервација на невидливата, инфрацрвена светлина која ја емитува. Така, при ова истражување на Јупитер беа откриени невообичаено високи температури на висина од 500 милји.
Видео: Светлите региони на половите се резултат на аурори. Зрачењето на Големата црвена дамка на средни висини може да се забележи како се движи од лево кон десно. Извор: James O’Donoghue, Luke Moore and NASA Infrared Telescope Facility (IRTF)
Големата бура на Јупитер е еден од најинтересните феномени во нашиот систем. Откриена е уште од 17-ти век и често се нарекува вечен ураган. Низ времето таа варира во големината и бојата и зафаќа простор од околу три Земјини дијаметри. Како огромен извор на енергија, таа ја загрева горната атмосфера на Јупитер, но претходно немавме директни докази за ефектите.
Понатаму, научниците сметаат дека, иако прва на наше знаење, ова сепак е честа појава низ системот, а веројатно и општо низ Универзумот. Се претпоставува дека слична е ситуацијата и на Сатурн, Уран, Нептун и најверојатно сите останати гасовити џинови кои постојат. Трансферот на енергија од горе надолу бил испитуван преку планетарни симулации, но теоријата досега никогаш не беше поткрепена и со опсервации.
Превод: Михаела Стојанова
Извор: Phys