Големата месечина Харон на Плутон открива разнобојна и насилна историја

0
Големата месечина Харон на Плутон открива разнобојна и насилна историја

Харон во нагласена боја. Сликата е комбинација од сини, црвени и инфрацрвени слики направени од камерата MVIC (Ralph/Multispectral Visual Imaging Camera) на леталото. Боите се обработени за најдобро да ги прикажат варијациите на површинските обележја на Харон. Палетата на бои на Харон не е толку разновидна како онаа на Плутон; највпечатлив е црвеникавиот северен поларен регион, неформално именуван Mordor Macula. Харон има дијаметар од 1214 километри; оваа слика открива детали со прецизност од 2.9 километри. Заслуга: NASA/JHUAPL/SwRI

Леталото на НАСА, Нови Хоризонти, испрати слики со до сега најдобра боја и највисока резолуција од најголемата месечина на Плутон, Харон, и овие слики покажуваат изненадувачки комплексна и насилна историја. Харон, со двојно помал дијаметар од Плутон, е најголемиот сателит, во споредба со својата планета, во Сончевиот систем. Многу научници од мисијата Нови Хоризонти очекуваа дека Харон ќе биде монотон свет со голем број на кратери, но наместо тоа, тие откриваат предели прекриени со планини, кањони, одрони, варијации во површинската боја и многу повеќе.

Сликите со висока резолуција од хемисферата на Харон свртена кон Плутон, направени од Нови Хоризонти при прелетот на 14-ти јули и пренесени до Земјата на 21-ви септември, откриваат детали од појас од пукнатини и кањони северно од екваторот на месечината. Овој голем систем од кањони се протега на повеќе од 1600 километри низ целата предна, а веројатно и околу, низ далечната страна на Харон. Четири пати подолги од Големиот Кањон, и двојно подлабоки на одредени делови, овие кањони укажуваат на колосален геолошки пресврт во минатото на Харон. Со оглед на големината во однос на Харон, оваа карактеристика наликува на пространиот кањонски систем на Марс, долината на Маринер (Valles Marineris).

Големата месечина Харон на Плутон

Висорамнините со многу кратери на врвот се поделени од серијата кањони, и заменети на дното со рамнини, неформално наречени рамнина Вулкан (Vulcan Planum). Сцената ја покрива ширината на Харон од 1214 километри и открива детали до 0.8 километри. Заслуга: NASA/JHUAPL/SwRI

Тимот исто така откри дека рамнините јужно од кањонот, неформално наречени рамнина Вулкан, имаат помал број на големи кратери отколку северните предели, што укажува дека се значително помлади. Мазноста на рамнините, како и нивните бразди и благи гребени, се јасни знаци за обемното реформирање на површината.

Мазната површина можеби е резултат на еден вид на ладна вулканска активност, наречена криовулканизам (анг. cryovolcanism). Тимот ја разгледува можноста дека внатрешен воден океан замрзнал пред многу време и, како резултат на тоа, промената на волуменот може да довела до распукување на Харон, овозможувајќи лава базирана на вода да допре до површината.

Големата месечина Харон на Плутон

Оваа композитна слика во нагласена боја од Плутон (долу десно) и Харон (горе лево), ги истакнува впечатливите разлики помеѓу Плутон и Харон. Бојата и светлоста и на Плутон и на Харон се процесирани идентично така што е овозможена директна споредба на нивните површински обележја и истакната е сличноста помеѓу црвениот поларен терен на Харон и екваторскиот терен на Плутон. Плутон и Харон се прикажани со приближно точни релативни големини, но раздалеченоста не соодветствува. Сликата е комбинација од сини, црвени и инфрацрвени слики направени од камерата MVIC (Ralph/Multispectral Visual Imaging Camera) на леталото. Заслуга: NASA/JHUAPL/SwRI

Во текот на следната година Нови Хоризонти ќе пренесува нови податоци и слики со уште повисока резолуција и предвидувањата се дека приказната за Харон ќе станува сè повеќе неверојатна.

Леталото Нови Хоризонти е на оддалеченост од 5 милијарди километри од Земјата во моментов, и сите системи се здрави и функционираат нормално.


За да се изработи ова видео од прелетот на Нови Хоризонти покрај најголемата Плутонова месечина, Харон, се користени повеќе слики од леталото. „Летот“ започнува со регионот, неформално наречен Мордор, во близина на северниот пол на Харон. Потоа, камерата се движи јужно до пространа бездна, спуштајќи се од 1800 километри на само 60 километри над површината за да прелета низ кањонскиот систем. Од таму, врти јужно за да добие поглед кон рамнините и планината (истакнат врв) опкружена со ров, неформално наречена Кјубрик Монс. Фотографиите направени од LORRI (Long-Range Reconnaissance Imager) на Нови Хоризонти, кои покажуваат детали до 400 метри на пиксел, заедно со сликите направени од MVIC (Ralph/ Multispectral Visible Imaging Camera) од малку поинаква точка на гледиште, се користени за креирање на прелиминарен дигитален модел на теренот. Оваа анимација е направена со комбинирање и земање примероци од моделот и сликите. Заслуга: NASA/JHUAPL/SwRI/Stuart Robbins

Превод: Биљана Велинова

Извор: Phys

Сподели.