Глаксија од космичката зора неочекувано богата со кислород

0

Една далечна галаксија која блеска во Космичката Зора, само 300 милиони години по Големата експлозија, неодамна беше предмет на неочекувано научно откритие: богата е со кислород.

Станува збор за галаксијата JADES-GS-z14-0, која според најновите набљудувања, содржи значителни количини кислород – што е вистинско изненадување, бидејќи долго време се сметаше дека елементите потешки од водород и хелиум не се појавиле во значајни количини сè до многу подоцна во еволуцијата на Вселената.

o2 1

Прва импресија од JADES-GS-z14-0, позната како најстара галаксија во универзумот.

Ова е уште еден доказ дека раната вселена созреала многу побрзо отколку што досега се претпоставуваше.

„Тоа е како да најдеш тинејџер таму каде што очекуваш само бебиња,“ вели космологот Сандер Шаус од Лајденската опсерваторија во Холандија.

„Овие резултати покажуваат дека галаксијата не само што се формирала брзо, туку и брзо созрева, што е уште еден показател дека галаксиите се формираат многу побрзо отколку што мислевме.“

И самото постоење на JADES-GS-z14-0 е предизвик за нашите космолошки модели. На галаксиите, според тие модели, им треба подолго време за да пораснат. За оваа галаксија да биде видлива од растојание поголемо од 13,4 милијарди светлосни години, таа мора да биде голема и светла –и тоа премногу голема и светла за да се објасни со стандардните модели.

o2 2

Местоположба на JADES-GS-z14-0(НАСА)

Освен тоа, потребно е време и за создавање на елементи потешки од водород и хелиум. По Големата експлозија, овие два елементи беа доминантни. Преку гравитациски процеси, гасовите се собирале и формирале ѕвезди. Во нивните јадра, преку фузија, почнале да се создаваат потешки елементи – вклучително и кислородот.

Но, за кислородот да се прошири низ вселената, ѕвездите што го создаваат треба да го завршат својот животен век и да експлодираат како супернови. Кај најмасивните ѕвезди, тоа може да се случи за помалку од 10 милиони години.

o2 3

Спектар на кислородот откриен од страна на ALMA

Меѓутоа, кога тим астрономи направил мерења на оваа галаксија со помош на моќниот радиотелескоп ALMA во Чиле, било откриено дека количината на потешки елементи во JADES-GS-z14-0 е 10 пати поголема од предвидената. Тоа укажува дека и нивното создавање се одвивало со неочекувана брзина.

„Овие неочекувани резултати отвораат нова перспектива за првите фази од еволуцијата на галаксиите,“ вели астрофизичарот Стефано Карнијани од Scuola Normale Superiore во Италија.

„Фактот дека галаксија веќе е зрела во толку рана фаза на Вселената поставува прашања кога и како точно се формирале галаксиите.“

Поради ширењето на Вселената, светлината од далечните галаксии се “растегнува” кон црвениот дел од спектарот (redshift). Телескопот James Webb Space Telescope (JWST), најмоќниот инфрацрвен телескоп досега, е идеален за набљудување токму на вакви објекти.

Од неговото лансирање, JWST откри многу повеќе големи и зрели галаксии во раната Вселена од очекуваното, што го менува нашето разбирање за тоа како изгледала Вселената во првата милијарда години по Големата експлозија.

Најновото откритие на кислород во JADES-GS-z14-0 е уште едно парче од сложувалката, кое укажува дека галаксиите во младата вселена се развивале многу побрзо отколку што претпоставувавме.

Сега останува да разбереме како ова забрзано зреење го менува космолошкиот тајмлајн – и кои други наши претпоставки за раната Вселена треба да се преиспитаат.

Истражувањето е објавено во две научни студии прифатени за објавување во списанијата The Astrophysical Journal и Astronomy & Astrophysics, и веќе се достапни на arXiv.

Скопско астрономско друштво

Сподели.