Се повеќе и повеќе изгледа дека постоењето и опстанокот на живот на Земјата е само среќа. Според нова анализа на историјата на Млечниот пат, најдоброто време и место за изникнувањето на живот не е сега или тука, туку пред над 6 милијарди години на периферијата на галаксијата.
Специфичните време и место би ја овозможиле, за одреден населив свет, најдобрата заштита против изблиците од гама зраци и суперновите кои ја стрелале вселената со смртоносна радијација.
Од пред 4 милијарди години, централните подрачја на галаксијата (помеѓу нив и Сончевиот систем) станале побезбедни од периферијата – доволно безбедни за постоењето на живот, ако не безбедни колку што периферијата била претходно.
„Нашето истражување покажува дека, до пред 6 милијарди години, исклучувајќи ја периферијата на Млечниот пат која имала релативно малку планети заради интензивна ѕвездена формација и ниска металност, планетите биле изложени на многу експлозивни настани кои би можеле да започнат масовно изумирање,“ објасни астрономот Рикардо Спинели од Универзитетот на Инсубрија и Италијанскиот државен институт за астрофизика (ИДИА).
Космичките експлозии не се играчка. Неверојатно енергичните настани од видот на изблици од гама зраци и супернови исфрлаат космичка радијација низ вселената; резултатот е доволно интензивен да биде смртоносен.
Земјата исто така не е имуна. Масовните истребувања во нашата историја биле поврзани со супернови, вклучувајќи ги изумирањето на крајот на Плиоценот пред 2.6 милиони години и доцното Девонско изумирање пред 359 милиони години. Изблиците од гама зраци, кои се многу поретки но многу помоќни од суперновите, би биле исто толку уништувачки.
Двата настани се поврзани со животните циклуси на ѕвездите. Суперновите се случуваат на крајот на главниот животен тек на една масивна ѕвезда, или ако некое бело џуџе кое собира материјал се дестабилизира, реактивира и започне неконтролирана фузија. Двете сценарија би произвеле масивна експлозија на ѕвезден материјал во вселената.
Изблиците од гама зраци веројатно доаѓаат од ѕвезди кои колабираат во неутронски ѕвезди или црни дупки, и знаеме дека истите можат да се произведат при спојувањето на пар неутронски ѕвезди. Никогаш немаме видено ваков изблик во Млечниот пат; тие што можеме да ги видиме доаѓаат од други галаксии на далечина од милиони светлосни години – најенергичните електромагнетски настани во универзумот.
Научниците веруваат дека изблик од гама зраци пред 450 милиони години би можел да биде причината за Ордовицијското масовно изумирање, пред времето на диносаурусите.
„Суперновите се почести во ѕвездо-создателните региони, каде што се формираат големи ѕвезди,“ вели астрономот Џанкарло Гирланда од ИДИА.
„Од друга страна, изблиците на гама зраци претпочитаат ѕвездо-создателни региони со мала количина на тешки елементи. Во овие региони, масивните ѕвезди создадени од гас со мала количина на метали губат помалку маса од ѕвездени ветрови во текот на нивниот живот. Со тоа, овие ѕвезди можат да се одржат во брза ротација, што е потребна околност за лансирање на моќен млаз по формирањето на црна дупка.“
За да ги откријат најбезбедните места за живот, тимот на истражувачи внимателно ја моделираше еволуционата историја на Млечниот пат, обрнувајќи внимание на појавувањето на региони за кои би било најверојатно да содржат активност од видот на супернови или изблици од гама зраци.
Нивниот модел предвидува дека внатрешните региони на галаксијата се формирале побрзо од периферијата; со тоа, внатрешниот Млечен пат би бил многу поактивен, што се однесува на создавањето на ѕвезди и космички експлозии. Со тек на времето, создавањето на ѕвезди забавило во центарот, но забрзало во надворешните подрачја на галаксијата.
Кога универзумот бил млад, бил воглавно исполнет со водород и хелиум – гасовите од кои биле создадени првите ѕвезди. Потешките елементи биле создадени од ѕвездената нуклеарна фузија; а уште потешките елементи од експлозии на супернови.
Со раѓањето и умирањето на ѕвездите, центарот на Млечниот пат се збогатил со тешки елементи и метали.
Ова би ги проретчило изблиците на гама зраци, правејќи го централниот регион – од 6500 до 26000 светлосни години од галактичкиот центар – побезбеден од порано.
„Исклучувајќи ги најцентралните региони, во радиус од 6500 светлосни години од галактичкиот центар, каде што суперновите се почести, нашите истражувања предлагаат дека во секоја ера еволуциониот притисок е одреден исклучиво од изблици на гама зраци,“ вели Спинели.
„Иако се многу поретки од суперновите, изблиците на гама зраци можат да предизвикаат масовни изумирања од поголеми далечини: тоа што се најенергичните настани ги прави и ракетни фрлачи со најголем досег.
Иако периферијата на Млечниот пат некогаш била побезбедна од средишните региони сега, ситуацијата се подобрува за нас. Според анализите, во последните 500 милиони години периферијата на Млечниот пат веројатно би била стерилизирана од 2-5 долги изблици на гама зраци. Од друга страна, локацијата на нашиот Сончев систем станала побезбедна од било кога.
Но дури и релативната опасност и продолжената изложеност на космички експлозии би можеле да бидат корисни за нас.
„Забележуваме дека самото постоење на живот на Земјата денес покажува дека масовните изумирања не значат дека развитокот на сложени форми на живот не е можен,“ напишале истражувачите во својот труд.
„Токму напротив, добро распоредени масовни изумирања би можеле да играат клучна улога во еволуцијата на сложени форми на живот на нашата планета.“
Така што, можеби треба повнимателно да размислиме за „безбедност.“
Превод: Јоаким Јаковлески