Нови откритија за еволуцијата на галаксиите и црните дупки од Џејмс Веб

0

Стефановиот Квинтет е визуелно групирање на галаксии. Особено е познато ова групирање поради филмот „It’s a Wonderful Life.“ Но сега, Вселенскиот Телескоп Џејмс Веб на НАСА повторно го стави фокусот на Стефановиот Квинтет. Се работи за најголемата слика на Џејмс Веб до сега која опфаќа околу една петина од дијаметарот на Месечината. Сликата има над 150 милиони пиксели и составена е од 1 000 посебни слики. Од оваа слика можеме да дознаеме како силите помеѓу галаксиите влијаеле на еволуцијата на галаксиите во раниот универзум.

Стефан

Заслуги: NASA, ESA, CSA, and STScI

Користејќи ги своите моќни инфрацрвени набљудувачки можности, Џејмс Веб ни прикажа детали од оваa галактичка група како никогаш до сега. На фотографијата изобилуваат јата од милиони млади ѕвезди и региони во кои се раѓаат нови ѕвезди. Поради гравитациските сили, на сликата гледаме и привлекување на ѕвезди и меѓуѕвездена материја кон неколку галаксии. Но најдраматично од сѐ се огромните ударни бранови од галаксијата NGC 7318B како што удира во јатото.

Сите пет галаксии во Стефановиот Квинтет се познати како Хиксонова Компактна Група 92 (анг. Hickson Compact Group 92 – HCG 92). Иако го викаме квинтет, само четири галаксии се наоѓаат во непосредна космичка близина. Петтата најлева галаксија, галаксијата NGC 7320, се наоѓа пред останатите четири галаксии. Таа е оддалечена 40 милиони светлосни години, додека останатите четири галаксии (NGC 7317, NGC 7318A, NGC 7318B и NGC 7319) се наоѓаат на 290 милиони светлосни години. Се работи за релативно блиски растојанија во споредба со далечните галаксии оддалечени билиони светлосни години. Проучувањето на релативно блиските галаксии ќе им помогне на научниците подобро да ги разберат комплексните структури во далечниот универзум.

Блискоста овозможува да сведочиме на спојувањето и интеракциите помеѓу галаксиите кој се од клучна важност за разбирање на еволуцијата на галаксиите. Многу ретко истражувачите имаат можност да проучуваат во многу големи детали како влијанијата помеѓу галаксиите поттикнуваат раѓање на ѕвезди во нив и како гасот во галаксиите е дистрибуиран. Стефановиот Квинтет е извонредна „лабораторија“ за изучување на овие процеси кои се од клучна важност за сите галаксии.

Збиените групи од галаксии како оваа веројатно биле многу почести во младиот универзум кога нивната загреана меѓуѕвездена материја можеби создавала многу енергични црни дупки наречени квазари. Дури и денеска, најгорната галаксија, галаксијата NGC 7319, има активно галактичко јадро кое е супермасивна црна дупка со маса од 24 милиони пати од масата на Сонцето. Таа привлекува материја и емитира светлина од 40 милијарди пати повеќе од светлината на Сонцето.

Преку Камерата за Блиска Инфрацрвена светлина (Near-Infrared Camera – NIRCam) и Камерата за Средна Инфрацрвена светлина (Mid-Infrared Instrument – MIRI) на Џејмс Веб со големи детали можеме да ги изучиме активните галактички јадра. Овие инструменти можат да дадат податоци и за спектралните карактеристики на јадрата.

Слично како со магнетна резонанца, инструментите на Џејмс Веб можат да ги поделат податоците во многу слики за детално проучување. Џејмс Веб погледна преку обвивката од прашина околу јадрото и забележа жежок гас во близина на активната црна дупка. Телескопот ја измери и брзината на светлите одливи на материја. До сега научниците никогаш не проучувале одливи на материја со толку големи детали.

Џејмс Веб успеа да наслика индивидуални ѕвезди во галаксијата NGC 7320 (најлевата и најблиската галаксија) и нејзиното светлото галактичко јадро.

Уште повеќе, Џејмс Веб детектираше изобилство на галаксии во далечната позадина кои потсетуваат на Длабоките Полиња на Хабл.

Во комбинација со најдеталните инфрацрвени слики од инструментите на Џејмс Веб од Стефановиот Квинтет до сега, научниците располагаат со огромно количество нови и вредни информации. Ова ќе им помогне на истражувачите да разберат со која рата црните дупки се хранат и растат. Исто така, Џејмс Веб може да набљудува региони во кои се формираат ѕвезди со огромни детали, но и емисии од прашина со ниво на детали како никогаш претходно.

Стефановиот Квинтет бил откриен од Францускиот астроном Едуард Стефан во 1877 година во соѕвездието Пегаз.

Извор: nasa.gov

Сподели.