Фотографирање на метеори

0

Метеорите, наречени ѕвезди кои паѓаат, претставуваат специфичен небески спектакл – на небото, кое е привидно статично, се јавуваат кратки, понекогаш многу сјајни и долги блесоци предизвикани од согорување на ситни зрнца кои се високо во Земјината атмосфера (30-80 km висина). Можат да се видат секоја ноќ, но од посебен интерес се ноќните ѕвезди кои паѓаат, како што е популарната „солзата на св. Лаврентиј“, (прочитајте како го добиле тоа име) во август, или помалку популарните, но побогати Геминиди во декември.

Подесување на фотоапаратот:

  • Мануелен (М) мод (вклучувајќи го балансот на белината и фокусот)
  • Широк агол на објективот
  • Максимален отвор на објективот
  • Високи ISO вредности (1600 или повеќе)

Вештините за фотографирање на метеори се разликуваат од класичната астрофотографија. Блесокот од метеорите е многу краткотраен, такашто продолжување на експозициите нема да помогне. Секако, потребно е фотоапаратот да се постави на цврст, стабилен статив, но најважни барања се светлински јак објектив (што помал f-број) и висока ISO осетливост. Зум на објективите во овој случај не се пожелни бидејќи само најскапите се побрзи од f/3.5. Сметајте дека објектив со отвор f/2 прима 4 пати повеќе светлина од објектив со f/4! ISO осетливоста зависи од видот на фотоапаратот – нека биде најголемата можна на којашто можете да толерирате дигитален шум. Земете предвид дека дигиталниот шум е поизразен на повисоки температури во околината, па на зимa можеби ќе можете да користите поголеми ISO вредности.

Во однос на времето на експонирање, доволни се експозиции до 30 секунди. Секако, метеорите блеснуваат во дел од секундата, а со подолги експозиции само ќе го зголемите дигиталниот шум. Добро е да имате прекинувач кој може да се програмира (или со таква опција во фотоапаратот) и да го поставите на непрекинато фотографирање. Подоцна тие фотографии можете да ги комбинирате во фотографии со траги од ѕвезди со метеори или тајмлапс (timelapse) видео.

Фотографирање на метеори

Персеид од Петрова Гора, 2012. Nikon D5100, 24mmf/4,30s, ISO 2000. Заслуги: Astrobobo.net

Метеорите оставаат доста долги траги, па треба да се користи објектив со широк агол, отприлика до еквивалент од 50 mm за да имате што поголеми шанси метеорот да помине преку видното поле. Ако фотографирате метеорски дожд, најголеми шанси да фатите метеор имате на оддалеченост од отприлика 90° од радијантот. Ако се одлучите да го снимате радијантот* ќе имате помали шанси да снимите метеор, но ако фатите неколку, макар и најслабите, ќе биде одлично да се видат како привидно доаѓаат од една точка на небото. Изберете ноќ кога активноста на небото е максимална и по можност кога не пречи светлината од Месечината.

Со голо око на темно небо можеби ќе видите голем број на метеори, но само најсјајните ќе остават трага на фотоапаратот. Бидете упорни бидејќи еден спектакуларен метеор ќе биде доволен да се исплати целоноќно бдеење под ведрото небо. Одберете кадар во којшто ќе биде опфатен дел од Земскиот пејзаж за да добиете поинтересна фотографија – планини, рушевини, селски имот… разгледајте ги локациите преку ден пред самиот обид за фотографирање на метеори. Кога ќе се одлучите за најдобриот кадар, најдобро е да не го менувате – метеорите можат да заблеснат било каде на небото, без разлика што вам ви се чини дека поминуваат надвор од видното поле на апаратот. Токму поради тоа е важно да имате објектив со широк агол, за да се снима што поголем дел од небото.

Фотографирање на метеори

Ѕвездена забава при набљудување на персеидите од Петрова Гора, 2015 година. Заслуги: Astrobobo.net

Горната фотографија е снимена со објектив со широк агол со експозиција од 30 секунди и ISO 3200. Комбинирана е една фотографија од ѕвездено небо со мноштво други фотографии каде што се гледа движење на посетителите на ѕвездената забава и секој од снимените метеори засебно.

За останатите подесувања прочитајте го текстот за едноставна фотографија каде што е сè детално објаснето. Накратко, сите поставки мораат да бидат рачно нагодени, од изострување па до баланс на белата боја. Размислете за снимање на тајмлапс (timelapse) видеа, особено ако имате објектив со широк агол – на забрзана снимка метеорите ќе изгледаат побројни.

Видео: Персеиди 2015, Петрова Гора, Хрватска. Заслуги: Astrobobo.net

*радијант – точка на небото од којашто привидно доаѓа метеорксиот дожд, обично се именува по соѕвездието во која се наоѓа.

Превод: Александра Бошкова

Извор: Astrobobo

Сподели.