Флуид со „негативна маса“ се движи наназад кога е турнат напред

0

Флуидите се необични, без разлика во каков контекст се вели тоа. Тие никогаш не се однесуваат како што би требало, а научниците сакаат постојано да создаваат сè понови и понеобични верзии. Имено, најновиот член на оваа интересна група е таканаречен суперфлуид кој, кога е турнат, забрзува назад во спротивната насока.

Флуид со „негативна маса“ се движи наназад кога е турнат напред

Овој флуид го возвраќа ударот. Заслуги: alekime/Shutterstock

Еден тим при Вашингтон Стејт универзитетот (WSU) се занимавал со старомодната научна занимација, играње со ласери, при што тие ги искористиле ласерите за да оладат неколку атоми на рубидиум. Иако ласерите се обично поврзани со загревање работи или уништување планети, нивното внимателно искористување може да ги предизвика атомите да ослободат енергија и со тоа да се оладат преку некое време.

Членовите од тимот од WSU успеале да ја спуштат температурата на рубидиумовите атоми близу до апсолутна нула, најниската можна температура. На оваа температура атомите сè помалку се однесуваат како честички, а сè повеќе како бранови, ефект кој најпрво бил предвиден од величествените физичари, Сатјендра Нат Босе и Алберт Ајнштајн.

Сепак, тортурата врз овие атоми сè уште не била завршена. Атомските јадра, заедно со засебните елементарни честички, се вртат околу себе, налик на мали планети или балерини. Менување на вртежот (спинот) менува како таа се однесува и заемодејствува со нејзината околина, така што манипулаторите во WSU ги искористиле ласерите уште еднаш за да го сменат спинот на овие значително ладни рубидиумови јадра.

На крај, ова предизвикало тие да се однесуваат како да имаат негативна маса. Ова, дами и господа, е многу чудно својство за материјата.

Во моментов, сите ние имаме позитивна маса. Сите наши составни делови заедно придонесуваат кон одреден број на килограми и, како последица на тоа, го закривуваме материјалот на простор-времето. Ова е нормално.

Вистинска негативна маса е некакво мрачно отсликување на позитивната маса. Тоа е како да се рече дека тежиме минус килограми – наизглед нема смисла, и за значително долго време, концептот беше токму таков – хипотетички.

Тоа што овој тим го има создадено личи на негативна маса, со тоа што се однесува сосема спротивно од обичната маса. Ако турнеме топка, импулсот кој ѝ го предаваме ја турка напред во насоката на применетата сила.

Овој нов рубидиумов флуид се движи наназад кога е турнат, бидејќи изгледа има негативна маса. Тоа што навистина го гледаме не е вистински негативна маса, туку нешто наречено ефективна негативна маса, или маса која се однесува како да е негативна маса – значи не оригиналниот производ, но сепак е многу необична појава. „Изгледа како рубидиумот да удира невидлив ѕид,“ изјави коавторот Мајкл Форбс, асистент-професор по физика и астрономија при WSU.

Има шанса дека негативна маса веќе постои на друго место, но како што беше објавено во Physical Review Letters, овој експеримент им дозволува на истражувачите да контролираат нејзина верзија и да ги испитуваат нејзините карактеристики. Новиот флуид исто така отвора нова авенија на анализи на чудни астрономски одлики, како црни дупки и темна енергија, со кои што не може директно да се експериментира.

Сепак, прилично сме сигурни дека ова, над сè, e создадено за да ви го збрка умот.

Превод: Јоаким Јаковлески

Извор: IFL Science

Сподели.