Низ годините постоеле чудни приказни и измами, но досега официјално е потврдено само за една личност која е погодена од метеорит во човековата историја, Ен Хоџис (Ann Hodges).
Нејзината приказна започнува на 30-ти ноември 1954-та година, додека спиела во нејзиниот дом во градот Оук Гроув (Oak Grove), Алабама. Ненадејно, метеорит со големина на цитрон паднал од кровот, се одбил од дрвеното радио и ја погодил во левиот колк. Неверојатно, единствената повреда била само лоша модринка.
Извештајот на Ен совршено се совпаѓа со тврдењата на локалните жители, кои велат дека виделе силна црвена линија од објект кој паѓа од небото.
„Поголеми се шансите да бидеш удрен од гром, торнадо и ураган во исто време,“ вели Мајкл Рејнолдс (Michael Reynolds), астроном од Државниот колеџ во Флорида.
Но, приказната за метеоритот не завршува тука. Фармерот Џулиус Кемпис Меккини (Julius Kempis McKinney), кој бил одалечен неколку километри, додека собирал дрва за огрев пронашол фрагмент од метеоритот, кој подоцна успеал да го продаде.
Ен Хоџис не била толку среќна со нејзиниот дел. Таа водела тешка легална битка за сопственоста на метеоритот, но по 2 години решила да го донира на Природонаучниот музеј на Алабама, каде се наоѓа и ден денес заедно со 2000 други метеорити.
Иако ова е единствената потврдена повреда од метеорит, се тврдело дека во февруари оваа година, човек од Индија бил убиен кога огромен метеорит удрил во земјата и оставил кратер. Научниците од НАСА потврдиле дека ова е лажна приказна, бидејќи големината на кратерот не се совпаѓала со големината на метеоритот.
Превод: Лука Пешиќ
Извор: IFL Science