Два јапонски ровери успешно слетаа на астероидот Рјугу

0

Оваа спектакуларна слика го покажува погледот од астероидот Рјугу од роверот Минерва-II1A при скок по успешното слетување на 21ви септември 2018 год. Сондата е една од две кои слетале на Рјугу од Хајабуса2 леталата на Јапонската Вселенско Истражувачка Агенција. Ова е прв пат да слетаат две подвижни ровери на астероид. Заслуги: Јапонска Вселенско Истражувачка Агенција

Нема повеќе исчекување: два мали роботи успешно слетаа на астероидот наречен Рјугу и дури испратија и некои интересни фотографии од нивниот нов дом.

Малечките ровери се дел од мисијата Хајабуса2 на Јапонската Вселенска Истражувачка Агенција за истражување на астероиди и собирање примероци од истите. Инженерите ги поставија роботите уште на 21 септември, но Јапонската Вселенска Истражувачка Агенција почека до наредниот ден (22 септември) за да потврди дека е постигнат успех и дека двата ровери безбедно се спуштени на астероидот.

Жал ни е што чекавте! МИНЕРВА-II1 се состои од два ровери, 1а и 1б. Потврдено е дека и двата се спуштија на површината на Рјугу. Тие се во исправна состојба и веќе испраќаат слики и податоци. Утврдивме дека се движат по површината.


Роверите се дел од МИНЕРВА-II1 програмата и се создадени за да се движат по површината на астероидот, да прават фотографии и да собираат податоци.Всушност и една од почетните фотографии која што ја испратија назад е премногу матна од причина што роботот ја направил додека бил во движење.

Роверот МИНЕРВА-II1 на јапонската агенција го сликнал овој поглед на астероидот Рјугу и Хајабуса2 леталото откога роверот се одделил од леталото на 21ви септември 2018 год. Заслуги: Јапонска Вселенско Истражувачка Агенција

Со цел да се комплетира поставувањето, главното вселенско летало на Хајабуса2 мисијата внимателно се спушти надолу кон површината се додека не дојде на висина од 55 метри. Откако роверите почнаа со нивната задача, леталото се крена нагоре до неговата типична висина од околу 20 километри од површината на астероидот.

Роверот МИНЕРВА-II1Б ја направил оваа фотографија од астероидот Рјугу на 21 септември 2018 година набрзо по одвојувањето од Хајабуса2 леталото на Јапонската Вселенска Истражувачка Агенција. Астероидот се забележува долу десно. Заслуги: Јапонска Вселенска Истражувачка Агенција

Јапонската Вселенска Истражувачка Агенција има за комплетирање уште две поставувања: Хајабуса2 во октомври треба да постави поголем ровер наречен МАСКОТ и уште еден малечок ровер следната година. Секако, главното летало има и други задачи додека се наоѓа на Рјугу – конкретно, да собере примероци од таму и да ги донесе назад на Земјата за лабораториски анализи.

Превод: Христина Милошевска

Извор: Space.com

Сподели.