Парче од Теја закопано длабоко во Месечината

0

Пред околу 4,5 милијарди години, нешто големо колку Марс се судрило со новоформираната Земја, имајќи огромен ефект. Се мисли дека овој објект не само што се соединил со Земјата и ја подготвил за живот, туку истиот откршил голем дел кој подоцна се претворил во Месечината.

Оваа приказна е позната како хипотезата на големиот судир; објектот голем колку Марс е наречен Теја, а научниците веруваат дека за прв пат нашле траги од Теја во Месечината.

teja

Заслуги: Марк Гарлик /Science Photo Library/Getty Images

Со години, хипотезата на големиот судир е претпочитаниот модел за објаснувањето на создавањето на Месечината.

„Овој модел успеа да ја објасни тогашната анализа на примероци вратени од Аполо мисиите, која ги вклучува ниската содржина на железо во споредба со Земјината, недостатокот на променливи елементи и обогатувањето со елементи со висока точка на топење, истовремено одбегнувајќи ги дупките во претходните теории,“ пишуваат истражувачи од Ново Мексико во нивниот труд.

Но имаше една голема пречка.

Моделите предвидоа дека 70 до 90 проценти од составот на Месечината би требало да биде измешана и преобликувана Теја. Но изотопите на кислород во месечевите примероци од Аполо беа многу слични на Земјините – и многу различни од изотопите на другите објекти во Сончевиот систем.

Едно можно објаснување е дека Теја и Земјата можеби имале слични состави. Може да се каже и дека се се измешало за време на судирот, што не изгледа веројатно според симулациите.

Исто така, воопшто не е веројатно – што се однесува на изотопите на кислород – Теја да имала сличен состав со Земјата. Ова значи дека ако Месечината е воглавно составена од Теја, нејзините изотопи на кислород би требало да се различни од Земјините.

Оваа сличност е голема главоболка за хипотезата на голем судир. Со текот на годините истражувачи имаат објавено неколку истражувања обидувајќи се да ја објаснат.

Оттаму доаѓа и идејата дека Теја се соединила со Земјата. Друго истражување предложило дека судирот создал облак од прашина кој подоцна станал Земјата и Месечината. Друго предложило дека Земјата и Теја се формирале близу една до друга. А други сакале одново да ја испишат историјата.

Планетарниот научник Ерик Кано и неговите колеги пробале што друго: внимателна реанализа на месечевите примероци.

Тие земале примероци од различни видови на камен собрани од Месечината – базалт од месечевите мориња со висока и ниска содржина на титаниум, анортосити од повисоките места, и норити од длабочините, истуркани нагоре преку превртувањето на месечевата мантија (обвивка); и вулканско стакло.

За новата анализа, тимот на истражувачи измени стандарден метод за анализа на изотопи за да добие високо прецизни мерења на изотопи на кислород. И навистина пронајдоа нешто ново: составот на кислородните изотопи се разликувал во зависност од каменот кој бил тестиран.

Во нивното истражување тие пишуваат: „Покажуваме дека земањето на просек од податоците за лунарни изотопи игнорирајќи литолошки разлики не е метод кој дава точна претстава за разликите меѓу Земјата и Месечината.“

Всушност, истражувачите пронајдоа дека од што подлабоко и подлабоко се ископани примероците, толку изотопите на кислород стануваат потешки и потешки во споредба со Земјините.

Разликата може да се објасни само ако површината на Месечината била уништена и измешана за време на судирот, што ја прави Месечината слична со Земјата. Но длабоко во Месечината, парчето од Теја останува речиси недопрено, и изотопите на кислород се поблизу до оригиналните.

Истражувањето тврди дека ова е добар доказ дека Теја се формирала подалеку во Сончевиот систем и почнала да се движи навнатре пред големата месечево-создавачка експлозија.

Што е поважно, овие резултати би можеле да го расчистат проблемот со хипотезата на голем судир.

„Очигледно е дека различниот состав на кислородни изотопи не бил целосно изгубен преку хомогенизацијата при големиот судир,“ заклучуваат истражувачите.

„Со овој резултат не е потребно моделите за голем судир да вклучуваат механизам за целосна хомогенизација на кислородни изотопи меѓу двете тела и истиот дава темел за идно моделирање на судирот и последователната Месечева формација.“

Луѓето немаат стапнато на Месечината од 1972, така што скапоцените месечеви камења кои можат да се анализираат се малку, и засега повторувањето на овие резултати е малку потешко.

Но, во текот на следните неколку години би можеле конечно да видиме како летови со екипаж се враќаат на Месечевата површина, и би можеле да се надеваме на бум во месечевите науки – вклучувајќи понатамошни истражувања во врска со хипотезата на голем судир.

Превод: Јоаким Јаковлески

sciencealert.com

Сподели.