Феномен: Научниците открија старо бело џуџе претворено во маса од кристализиран јаглен. Но како може да се открие толку ладна ѕвезда?
На растојание од 900 светлински години од Земјата, старо бело џуџе се изладило претворајќи се во маса на кристализиран јаглен: односно во дијамант. Но, не се работи за еден од многуте дијаманти што се наоѓаат во Вселената: овој дијамант е стар 11 милиони години и е голем колку Земјата.
Ѕвездата-дијамант, опишана во едно истражување објавено во The Astrophysical Journal, е една од најладните бели џуџиња досега откриени од астрономите. Таа е толку ладна и со слаба светлина што едвај се забележува, неспособна да продре во темнината на космосот, дури ниту одблизу.
Всушност, научниците успеајa да го забележат нејзиното присуство врз основа на нарушувањето што нејзината гравитација го создава врз радио-импулсите, што во спротивно би биле постојани, кои потекнуваат од ѕвезда придружник.
Ѕвездата џуџе орбитира околу пулсар – ротирачка неутронска ѕвезда – со исклучително име PSR J2222-0137. Системот е сличен на оној опишан во 2011-та, што беше составен од кристализирано бело џуџе што орбитираше околу пулсар, но новиот дијамант е далеку поголем.
Ако го набљудувате небото околу соѕвездието Водолија ќе се најдете помалку или повеќе во истата насока на системот што всушност е составен од две мртви ѕвезди: тоа што останува е неутронската ѕвезда, со екстремно густа форма, од една џиновска ѕвезда што го завршила својот живот како супернова. Бело џуџе, пак, е тоа што останува од ѕвезда слична на Сонцето, но концентрирана во „грутка“ голема колку Земјата. Препуштени на нивната судбина, овие ѕвезди исчезнуваат бавно во текот на милијарди години (но, понекогаш со придонесот на ѕвездата придружник, можат да експлодираат и да создадат восхитувачки супернови што затемнуваат цели галаксии).
Астрономите за првпат го забележаа пулсарот во 2007-та. Џејсон Бојлс, за време на неговите докторски студии, започна да ја истражува ѕвездата со радиотелескопот Грин Бенк на Националната радио-астрономска опсерваторија во Западна Вирџинија. Секако, пулсарите ротираат на речиси непроменлив начин, такашто можат да се натпреваруваат со најдобриот атомски часовник. Бојлс ја откри стапката на ротирање на пулсарот – скромни 30 пати во секунда (некои успеваат да направат цела обиколка во рок од неколку илјадити делови од секундата).
Но, нешто недостигаше. Импулсите што пристигаа на Земјата доцнеа периодично, како некој невидлив објект да ги принудуваше импулсите да скршнуваат за време на нивното патување кон нас. Ова се случува кога гравитацијата на една џиновска ѕвезда придружник што орбитира ќе се вмеша преку вселенскиот материјал, принудувајќи ги светлината и радио-брановите да следат искривени патеки.
Бојлс и неговите колеги почнаа да се сомневаат дека густ и скриен објект е споен со пулсарот; најновите истражувања претпоставуваа дека мистериозниот објект ја комплетира својата орбита околу пулсарот на секои 2.4 дена и дека има слична маса како онаа на Сонцето. Првите сомнежи на астрономите се упатија кон алтернативата на друга неутронска ѕвезда (доста редок пар) или густо бело џуџе.
Но, за да се идентификува пулсарот, научниците мораа да откријат на најпрецизен начин колку се оддалечени од Земјата пулсарот и неговиот придружник. По две години мерења, започнати во 2010-та, тимот успеа да го утврди растојанието од 267.3 парсеци (мерна единица, паралакса од една лачна секунда) или околу 871 светлински години.
Со овие информации, започнаа да ги оформуваат карактеристиките на пријателката на пулсарот: со маса поголема од Сонцето за 1.05 пати, додека онаа на пулсарот е поголема за 1.2 пати, а нејзината орбита повеќе кружна отколку елиптична. Тоа значеше дека системот не беше брутализиран од втора супернова што би можела да има создадено друг пулсар.
„Ако постојат две неутронски ѕвезди значи дека се случиле две експлозии на супернови, а овие експлозии би ја направиле орбитата доста ексцентрична“, вели Дејвид Кеплан од Универзитетот во Висконсин, еден од авторите на истражувањето. „Тука пак, се среќаваме со кружна орбита“.
Тимот ги следеше трагите на една ѕвезда џуџе, што на тоа растојание би требало да биде видлива од Земјата. Научниците се обидоа да го визуализираат објектот со телескопите од Чиле и од Хаваи, пребарувајќи го регионот во многубројни бранови должини во инфрацрвениот и во видливот дел.
Ништо. Колку и да се обидуваа, научниците не успеваа да ја натерат ѕвездата да излезе на отворено.
Единствената можност, пишуваат научниците, е дека ѕвездата џуџе има температура пониска од 3000 Келвини – што би ја сместило меѓу најладните бели џуџиња досега откриени. А единствениот начин на кој една ѕвезда може да ја достигне таа температура и покрај тоа што не е постара од Млечниот Пат, е веќе да биде кристализирана во дијамант.
Кеплан вели дека најверојатно целата галаксија е нападната од овие ѕвезди-дијаманти, но тие се премногу ладни, а нивната светлина е премногу слаба за да може да се видат. Но, би била убава помислата дека таму горе има небо полно со стари и блескави дијаманти.
Превод: Kристина Стаменова
Извор: National Geographic Italia