Астрономите ги идентификуваа ѕвездите во вселената од кои може да се детектира планетата Земја

0

Доколку постоеја вонземјански цивилизации во други планетарни системи, дали би можеле тие да го детектираат нашето постоење на Земјата? Ова е прашање кое води кон нови начини на барање вонземјанска интелигенција. Но не е лесно да се стигне до одговорот на ова прашање.

egzoplaneti

Уметнички приказ на Областа врз која Земјата Транзитира. Заслуги: OpenSpace/American Museum of Natural History

Тим од астрономи идентификуваа 2 034 планетарни системи на максимално растојание од околу 100 парсеци (326 светлосни години) од Земјата, кои би се наоѓале на соодветна позиција за да детектираат знаци од живот при орбитирањето на планетата околу Сонцето.

„Од гледна точка на егзопланетите, ние сме вонземјаните,“ вели астрономот Лиса Калтенегер од Институтот Карл Сеган при Универзитетот Корнел.

Користејќи ги податоците од вселенската опсерваторија Гаја (дел од проектот кој се труди да изгради прецизна 3D мапа од Млечниот Пат), Калтенегер и нејзините колеги одлучија да дознаат дали некои вонземски цивилизации можат да нѐ пронајдат доколку располагаат со истите алатки за барање егзопланети како и луѓето.

Од неколкуте вакви методи кои ги имаме, како најуспешна се покажува техниката на транзитирање. Кога егзопланетите орбитираат околу својата ѕвезда, понекогаш орбитата е така подредена што егзопланетата преминува помеѓу својата ѕвезда и планетата Земја од која ние набљудуваме. Овој феномен е познат како транзит. При транзитот, светлината на оваа ѕвезда малку се затемнува и се креира специфична крива од светлината која ние можеме да ја детектираме.

Длабочината на кривата може приближно да ни ја каже големината на егзопланетата. Иако се работи за непрецизна и груба информација, можеме да заклучиме дали егзопланетата е карпеста и може да подржи живот или се работи за некој гасовит џин како Јупитер.

Дополнително, доколку егзопланетата има атмосфера, со анализирање на повеќе детектирани транзити од истата егзопланета, астрономите можат да го засилат спектарот на светлината од ѕвездата-домаќин која доаѓа до нас. По вршење на спектрална анализа ги гледаме брановите должини кои се апсорбирани од атмосферата, што ни открива каков состав има атмосферата.

Па како луѓето на Земјата, да претпоставиме дека и вонземјаните на егзопланетите си ја загадуваат атмосферата. Иако ние сѐ уште го немаме детектирано ова, хипотетички, тоа сосема возможно.

Преку податоците од Гаја, Калтенегер и нејзиниот тим бараа планетарни системи од кои е возможно да се искористи оваа техника врз Земјата во период од 10 илјади години (5 000 години во минатото и 5 000 години во иднината). По барањето, тимот ја дефинираше оваа област како Област врз која Земјата Транзитира (анг. Earth Transit Zone).

„Сакавме да дознаеме кои ѕвезди имаат набљудувачка точка од која може да се види Земјата кога таа ја блокира сончевата светлина,“ вели Калтенегер. „Со оглед на тоа дека ѕвездите се движат во динамичниот космос, точката за набљудување се стекнува и се губи.“

Според нивните анализи на податоците од Гаја, истражувачите заклучија дека во изминатите 5 илјади години постојат 1 715 ѕвезди во Областа врз која Земјата Транзитира од кои при набљудување на Сонцето може да се детектираат биопотписи поради појавувањето на човечката технолошка цивилизација. Во наредните 5 илјади години дополнителни 319 ѕвезди ќе влезат во Областа врз која Земјата Транзитира.

„Гаја ни обезбеди прецизна мапа на Млечниот Пат, што понатаму ни овозможи да гледаме назад или напред во времето, да видиме каде се наоѓале ѕвездите и каде ќе одат,“ вели астрофизичарот Џеки Фехерти од Американскиот Музеј на Природна Историја.

За ѕвездите кои биле или ќе бидат во Областа врз која Земјата Транзитира, знаеме дека 7 од нив имаат егзопланети. Уште повеќе, некои од егзопланетите можеби имаат услови за живот. Меѓу овие планетарни системи се вбројуваат: Ross-128, TRAPPIST-1 и ѕвездата на Тегарден.

Во минатото планетарниот систем на Ross-128 поминал 2 158 години во Областа врз која Земјата Транзитира. TRAPPIST-1 ќе влезе за околу 1 642 години и ќе помине 2 371 години во областа. Ѕвездата на Тегарден ќе влезе во областа за само 29 години, но ќе помине помалку време – само 410 години во Областа врз која Земјата Транзитира.

„Со нашата анализа се покажува дека дури и најблиските ѕвезди, општо гледано, поминуваат над илјада години во набљудувачка точка од која можат да го видат транзитот на Земјата,“ вели Калтенегер. „Доколку претпоставиме дека и спротивното е точно, добиваме здрав временски тек за номиналните цивилизации да ја идентификуваат Земјата како интересна планета.“

Како дел од нивното истражување, тимот исто така разгледа кои ѕвезди можат да детектираат технопотписи (зрачење емитирано од Земјата како резултат на технологијата). Пред околу 100 години за прв пат почнавме да трансмитираме радиобранови во вселената, што значи дека постои радиус од околу 100 светлосни години околу нас во кој може да се детектираат овие сигнали.

Во тој радиус и во период од 100 години, постојат 75 ѕвезди кои биле или се во Областа врз која Земјата Транзитира.

Нашата потрага по вонземјанска цивилизација до сега нема откриено никакви знаци. Истражувањето на научниците покажува дека со оглед на немирната природа на ѕвездите околу нас, постојат значителни ограничувања кај методите за детектирање кои ги користиме. Но со доволно време и малку среќа, возможно е да ги лоцираме нашите космички соседи.

Превод: Теодор Ангеловски

Извор: www.sciencealert.com

Сподели.