Дел од вселенски отпад направи дупка во европскиот сателит

0
Дел од вселенски отпад направи дупка во европскиот сателит

На сликата е прикажан панелот пред (лево), и панелот по ударот (десно). Заслуги: ESA

Се сеќавате на филмот Грвитација од 2013-та? Таму е претставена ситуација кога голема количина на вселенски отпад предизвикува хаос во орбита околу Земјата, па на крајот уништува голем број сателити и ѝ задава големи проблеми на нашата хероина (Сандра Булок).

Последниот инцидент не е толку драматичен, но сепак не потсетува на проблемот кој вселенскиот отпад може да го предизвика. Европската вселенска агенција (ESA) откри дека соларниот панел на еден од нашите сателити, Сентинел-1A од програмата Коперник, бил удрен од мало парче вселенски отпад кој предизвикал дупка со ширина од 40 сантиметри во панелот.

Фрагментот кој удрил во сателитот е мал, не поголем од милиметар, па затоа и штетата не е голема. Иако предизвика промена во ориентацијата и орбитата на сателитот и мала загуба на енергија, сепак сателитот сè уште функционира нормално.

Во орбитата има повеќе од 100 милиони предмети помали од еден сантиметар, но повеќето се премали за да бидат регистрирани. Ова го отежнува избегнувањето на случки како оваа и со самото зголемување на количината на вселенски отпад се очекува ваквите случки да бидат почести.

„Вакви удари предизвикани од честички со милиметарска големина не се неочекувани“ – вели Холгер Краг, раководител на Вселенската канцеларија за честички од Европската вселенска агенција основана во Дармштат, Германија.

„Вакви мали предмети не можат да бидат регистрирани од површината на Земјата, бидејќи само предмети поголеми од 5 сантиметри можат да бидат следени и избегнати со маневрирање на сателитите.“

Моментално не е сигурно дали отпадокот е од природно потекло или е создаден од човекот. Имајќи предвид дека вакви ситуации имало и во минатото, ова го истакнува растечкиот проблем со вселенскиот отпад. Сè уште сме далеку од Кеслеров синдром, (сценарио кога натрупувањето на голема количина на вселенски отпад излегува од контрола), но сепак се зголемува претпазливоста и ангажираноста на различни организации во потрагата по начини на чистење на вселенскиот отпад од орбитата.

Превод: Дарија Велкова

Извор: IFL Science

Сподели.