Повеќето ја знаат фразата „теорија за големата експлозија“. Дури постои и популарна телевизиска комедија со истото име. Според научниците, Универзумот започнал со големата експлозија и се раширил до денешната големина. Сепак, гравитацијата на сета оваа материја, ѕвезди, гас, галаксии и мистериозна темна материја се обидува да го успори ширењето влечејќи ја материјата во Универзумот повторно на едно место.
Сега, двајца физичари од Универзитетот на Јужен Мисисипи, Лоренс Мид (Lawrence Mead) и Хари Рингермахер (Harry Ringermacher), откриле дека Универзумот не само што се шири, туку и осцилира, односно „ѕвони“ во исто време. Нивниот труд е објавен во изданието на Astronomical Journal од април 2015.
Во 1978 г. Арно Алан Пензиас и Роберт Вудроу Вилсон ја добија Нобеловата награда за еден од главните аспекти на оваа теорија – откритието на позадинското микробраново зрачење од раниот Универзум.
Потоа во 1998 г. откритието дека Универзумот не само што се шири, туку и забрзува во неговото ширење, беше шок. Новооткриената темна енергија беше прогласена за одговорна за забрзувањето.
Според новиот труд, Универзумот успорил и забрзал во ширењето не е еднаш, туку 7 пати во последните 13.8 милијарди години, емулирајќи темна материја во процесот. Осцилациите се намалуваат и сега се многу мали. Осцилацијата не е бран кој се движи низ Универзумот, туку Универзумот го претставува самиот бран.
Откритието било случајно, кога за време на моделирање на галаксиите и темната материја нашле нов модел на класичниот график за ширење на Универзумот, кој може да се сретне во учебниците.
Стандардниот график, Хабловиот дијаграм, е создаден од астрономи набљудувајќи ги растојанијата на тип 1А супернови кои играат улога на „стандардни свеќи“ за мерење на ширењето на Универзумот. Анализирајќи го овој нов график откриле дека Универзумот забрзувал успорувајќи 7 пати од неговото постоење.
Мид и Рингермахер се надеваат дека откритието ќе биде верификувано од независни анализи со помош на нови мерења на супернови за да се потврди вистинитоста.
Превод: Максим Осман-Николов
Извор: Phys