Дали постојат темна материја и темна енергија? Нова теорија за гравитација вели – не!

0

Ловот по темна материја и темна енергија, мистериозните појави за кои се верува дека сочинуваат 95% од Универзумот, досега не вродил со плод. Но, што ако ова е така бидејќи темната материја и темната енергија всушност не постојат?

Ова е тоа што го тврди Ерик Верлинде, експерт за теорија на струни од Универзитетот на Амстердам и Делта Институтот за Теоретска Физика. Во новообјавен научен труд, Верлинде вели дека аномалиите во движењата на ѕвездите и галаксиите, кои се причина поради која се појавила потребата од темна материја, можат да се објаснат со теорија позната како „емергентна гравитација“.

Според оваа теорија гравитацијата, наместо да биде фундаментална сила во природата, е феномен кој се појавува заради движењето на фундаментални единици на информација, кои се складирани во структурата на простор-времето. Ова движење ја менува ентропијата, лабаво дефинирана како степенот на неред во Универзумот, во тој регион на простор-времето креирајќи сила која дејствува како гравитација.

Во трудот, кој е достапен на серверите на ArXiv.org, Верлинде покажува како неговата теорија прецизно ги предвидува брзините со кои ѕвездите ротираат околу центарот на Млечниот Пат и движењето на ѕвездите во други галаксии.

Верлинде вели дека неговиот поглед на гравитацијата се согласува со набљудувањата што ги имаме. Тој тврди дека на големи нивоа гравитацијата не се однесува како што предвидел Ајнштајн.

Ајнштајновата теорија на општа релативност вели дека гравитацијата е резултат на искривувањето на простор-времето од масата на небесните објекти. Додека оваа теорија, која е проверувана емпириски неколку пати со голема прецизност преку изминатиот век, работи добро во објаснување на макроскопската природа на Универзумот, наидуваме на проблеми кога ја користиме за да го објасниме однесувањето на субатомски честички, чие однесување е објаснето со квантна механика.

Едно од најголемите предизвци за теоретските физичари е тоа да се совпаднат релативитетот со квантната механика и да се направи притоа нешто познато како теоријата за се. Теоријата на Верлинде за ентропична гравитација, покрај тоа што ја отстранува потребата за темна материја, може исто така да пополни празнината помеѓу двете најважни теоретски дела на физиката на дваесеттиот век.

Верлинде вели дека многу теориски физичари како него работат на ревизија на теоријата и некои големи напредоци се направени. Можно е да стоиме на границата на нова научна револуција, која ќе ни го смени радикално гледиштето на просторот, времето и гравитацијата.

Сепак е важно да се напомени дека теоријата на Верлинде има суштински ограничувања како тоа што мора да се направат одредени ограничувања на тоа како се одвива ентропијата на даден систем и тоа како сè уште не го објаснува собирањето на галаксиите во јата.

Превод: Јован Милосковски

Извор: International Business Times

Сподели.