Дали короната изгледа различно во периоди на висока и ниска Сончева активност?

0

Некои градови навистина имаат среќа.

Карбондејл, Илиноис, се наоѓа на само неколку километри северно од точката каде овогодинешното затемнување на Сонцето траеше најдолго – градот искуси 2 минути и 38 секунди на целосно затемнување, при што Месечината комплетно го затскри Сонцето. Овој град, исто така, е единствениот град во Соединетите Американски Држави кој повторно ќе биде на патеката на тотално помрачување за време на следното затемнување на Сонцето кое ќе ја зафаќа Северна Америка во 2024-тата. Градот себеси се нарекува еклипсната раскрсница на Америка.

Дали короната изгледа различно во периоди на висока и ниска Сончева активност?

Магнетни линии и филаменти го опкружуваат поголемиот дел од Сонцето за време на затемнувањето на Сонцето во 2016-та година, за време на опаѓање на Сончевата активност. Сончевото затемнување кое се случи на 21-ви август минатата година им покажа на научниците како изгледа короната кога Сончевата активност е дополнително намалена. Заслуги: CONSTANTINOS EMMANOULIDIS, MILOSLAV DRUCKMÜLLER

„Да се има затемнување на Сонцето кое го покрива целиот континент е доволно редок настан,“ вели Падма Јанамандра-Фишер, планетарен научник од Вселенскиот Институт во Ранчо Кукамонга, „Да се искусат две вакви помрачувања за време од само седум години е уште поретко. Додека, две вакви активности да се пресекуваат во истиот град е фасцинирачки редок настан.“

Оваа случајност го прави Карбондејл совршената локација за истражување на тоа како Сончевата атмосфера, или корона, изгледа различно кога имаме висока или ниска Сончева активност. Секои 11 години, Сонцето преминува од периоди со висока активност кон периоди со ниска активност на магнетните полиња, и назад. Фреквенцијата на лесно забележливите одлики, како Сончевите дамки на неговата површина, ерупциите и јазлите на коронални изливи на енергија, исто така искусуваат циклус на активност. Сепак, засега претставувало потешкотија да се забележи што точно се случува со короналните магнетни линии (ленти, анг. streamers), долгите избледени линии кои на короната ѝ даваат ефект на круна во нејзиниот изглед и потекнуваат од магнетните полиња.

Короната најчесто е невидлива од Земјата и тоа заради светлиот Сончев диск кој доминира. Дури ниту вселенските телескопи кои се насочени кон Сонцето не можат да го видат внатрешниот дел од короната, мораат да спречат дел од него како би се заштитиле. Тоа значи дека затемнувањата на Сонцето претставуваат единствен период кога научниците може да добијат детална слика за тоа што се случува во внатрешниот дел од короната, од каде произлегуваат овие ленти. Во овој момент, Сонцето се наоѓа во период на многу ниска активност. Дури за време на најскорешниот пик во 2014-та година, бројката на Сончеви јазли и дамки беше значително мала. За време на затемнувањето од 2017-тата, Сончевата активност беше во дополнителен пад. Но за седум години од сега, за време на помрачувањето кое ќе го искусиме во 2024-та година, Сончевата активност повторно ќе биде во пораст, доближувајќи се кон нејзиниот максимум.

Јанамандра-Фишер присуствуваше на последното затемнување на Сонцето, а ќе присуствува и на настанот во 2024-та. Минатата година, таа се здружи со проектот наречен  „Citizen Continental-America Telescope Eclipse experiment“ со кој беа поставени 68 идентични телескопи по патеката на помрачување од Орегон до Јужна Каролина.

Како дел од експериментите, Фишер и нејзините колеги ја мереа бројката, распределеноста и степенот на лентите кај короната.

Набљудувања на короната за време на затемнувањата на Сонцето уште од далечната 1867 година па досега, укажуваат дека лентите варираат со Сончевата активност. Во периоди на ниска активност, тие имаат тенденција да бидат погусти и сконцентрирани поблиску до Сончевиот екватор. За време на висока активност пак, тие се повеќе развлечени, тенки и распределни насекаде.

Научниците мислат дека како што Сонцето ја зголемува својата активност, неговото зајакнувачко магнетно поле дозволува лентите да се издолжат надворешно во просторот. Сончевото екваторијално магнетно поле се дели и повеќе го заобиколува екваторот. Тоа дозволува на лентите да се шират кон половите на Сонцето и да окупираат нов простор.

Иако научниците веќе 150 години ги проучуваат промените кај короната, тоа сепак претставуваат податоци од само десетина затемнување на Сонцето. Има уште многу простор за нови истражувања со цел да се откријат мистериите кај короната на нашето Сонце. Јанамандра и нејзината група може да бидат првите кои на двапати ќе соберат податоци од истата локација на планетата. „Ова претставува чиста наука која може да се одвива само за време на затемнување на Сонцето и би сакала да ги забележиме промените кај короната“ вели Јанамандра.

Превод: Бојан Андоновски

Извор: Sciencenews

Сподели.