Да бидеме повнимателни со толкувањето на СЕТИ сигналот

0

Франк Маркис, научник и истражувач во Институтот СЕТИ на својот блог објави статија во која предложува дека мора да бидеме претпазливи и умерени со толкувањето на детектираниот силен сигнал од далечната ѕвезда. Ова е честа тема на зборување во последно време, како во научниот свет, така и во пошироката јавност. Објавата за ваквото откритие е навистина возбудлива и интересна, но навистина не треба да избрзаме и да ја прогласиме за доказ и знак за постоење на технолошки развиена вонземска цивилизација.

Да бидеме повнимателни со толкувањето на СЕТИ сигналот

Телескопот Ален во потрага по сигнали од далечните ѕвезди. Извор: SETI Institute

Како главни причини се следниве:

  1. Сигналот беше откриен во мај 2015 година и оттогаш ниту еднаш не се има повторено.
  2. Сигналот беше детектиран од многу комплексна антена и според радио астрономите можно е да станува збор за грешно толкување или фаќање на т.н. паразитски или лажен сигнал со потекло од нашата планета.
  3. Ѕвездата домаќин (HD 164595) е многу слична на Сонцето (иста боја, големина и возраст). Се наоѓа на 91 светлински години од нас и засега има само една позната планета која е најверојатно слична на Нептун, со кратка орбита од четириесетина денови. Сè уште немаме откриено планети слични на Земјата или пак, супер-Земји и се претпоставува дека тие воопшто и не постојат во системот. Има мала веројатност за развивање на животот на сателити или сè уште недетектирани смрзнати џинови, но сепак ова е од многу шпекулативна природа.

Но, сè уште постојат можности за овој сигнал сепак да е обид за комуникација со нас од страна на некоја технолошки развиена цивилизација. За да се потврдат ваквите теории неопходно е да се добијат соодветни докази. Како прво, сигналот би морало да биде откриен и од друга антена на Земјата. Од Институтот СЕТИ веќе работат на набљудување на овој систем. Понатаму, ќе мора да се утврди дека сигналот не потекнува од нас и ќе треба да се детектира повеќе пати. Само така би можеле да се обидеме да ја анализираме пораката и нејзиното потекло.

Како и да е, со развивањето на нашата технологија најверојатно ќе доаѓаме до сè повеќе вакви сигнали за кои ќе претпоставиме дека се знак од вонземска цивилизација, но со понатамошни анализи ќе се докаже спротивното. Сепак, не треба да заборавиме дека потрагата мора да продолжи понатаму и дека со оглед на староста на нашиот систем таа е на самите почетоци.

Превод: Михаела Стојанова

Извор: Planetary

Сподели.