Нешто навистина чудно се наоѓа во центарот на Млечниот Пат. За почеток тука е супермасивната црна дупка, Sagittarius A*, но астрономите открија шест објекти кои орбитираат околу неа, кои не наликуваат на било што досега забележано во нашата галаксија. Тие се толку необични што астрономите им доделиле сосема нова класа – Г објекти.
Првите објекти Г1 и Г2 биле забележани пред две декади и првично наликувале на гигантски гасовити облаци, со дијаметар од 100 астрономски единици, притоа истегнувајќи се до поголеми димензии при доближувањето до црната дупка, со спектар за емисија на гас и прашина. Но за разлика од нивниот изглед, овие објекти не се однесувале како облаци од гас, туку како ѕвезди. Со користење на податоци од набљудување на центарот на галаксијата во изминатите 20 години астрономите откриле уште четири вакви објекти: Г3, Г4, Г5 и Г6.
Сите објекти поседуваат различни орбити, прикажани на сликата погоре, со орбитален период од 170 до 1600 години. Не се знае што точно се овие објекти, но однесувањето на Г2 во 2014 кога го допрел периапсисот – најбилската точка на орбитирање околу црната дупка, доста им помогнало на астрономите. Кога Г2 се доближил до црната дупка станал издолжен и изгубил голем дел од гасот. Од едноставен објект, при доближувањето до црната дупка се истегнал, искривил и изгубил голем дел од надворешната обвивка, а сега повторно станува покомпактен.
Претходно се мислело дека Г2 е облак од водороден гас, кој би бил проголтан од црната дупка и би го осветлил акрецискиот диск. Фактот дека ништо од тоа не се случило е познат како космичко разочарување.
Астрономите веруваат дека одговорот лежи кај масивните бинарни ѕвезди. Најчесто овие ѕвезди, егзистираат заробени во заедничка орбита. Но честопати се судираат и формираат една голема ѕвезда, слично како судирите кај бинарни црни дупки.
Кога дојде до ова, тие создаваат голем облак од гас и прашина кој ја обвива ѕвездата уште милиони години по сударот.
Фактот дека Г2 останал компактен и не се распаднал по сударот со црната дупка за астрономите претставува доказ дека постои стеларен објект во неговата внатрешност. Истото би можело да важи и за останатите пет објекти. Најголемиот дел од ѕвездите во галактичкиот центар се масивни и честопати и бинарни. Екстремните гравитациски сили околу Sgr A* би можеле да бидат доволно големи за да ги дестабилизираат нивните бинарни орбити со релативна фреквенција.
Црните дупки би можеле да предизвикуваат соединување на бинарните ѕвезди и постои можност дека голем број од ѕвездите кои ги имаме набљудувано и чие однесување не можеме да го разбереме всушност да се резултат на спој на бинарни ѕвезди кој веќе се има смирено. Сѐ уште учиме како еволуираат галаксиите и црните дупки. Начинот на кој бинарните ѕвезди стапуваат во интеракција една со друга и со црните дупки е доста поразличен од начинот на кој единечните ѕвезди го прават тоа.
Што и да се Г-објектите, тие делат многу карактеристики, и проширувањето на податочното множество може да придонесе со поголем број на информации кои ќе помогнат да се реши загатката.
Сепак постојат уште многу работи кои треба да се одгатнат. За почеток, мистериозната активност забележана минатата година кај Sgr A*. Можеби оваа активност била задоцнета реакција по периапсата на Г2, а можеби нешто сосема друго. Затоа потребно е да продолжиме со набљудување на оваа црна дупка и да видиме што ќе се случи следно.
Превод: Даница Ѓорѓевска