Научниците забележале четири големи празнини во центарот на галактичко јато со помош на рендгенската опсерваторија Чандра на НАСА. Овој сет на невообичаени карактеристики можеби настанле поради ерупции од две супермасивни црни дупки кои орбитираат близу една до друга.
Галактичките јата се најголемите структури во универзумот кои настануваат како последица на гравитацијата. Составени се од стотици до илјадници индивидуални галаксии, огромни количества на врел гас и невидлива темна материја. Врелиот гас кој ги исполнува јатата е со многу поголема маса од самите галаксии и е значајно светол во рендгенскиот дел од спектарот кој Чандра го детектира. Во средината на овие јата често може да се сретне една огромна галаксија.
Нова студија на јатото RBS 797 лоцирано на 3,9 милијарди светлосни години од Земјата, откри два сета на празнини кои се шират од центарот на јатото. Овие типови на празнини се забележани и предходно во други галактички јата. Научниците сметаат дека се последица на ерупции од региони во близина на супермасивна црна дупка во средината на централната масивна галаксија. Како што материјата лета во два спротивни млаза од црната дупка создава празнини во врелиот гас.
„Сметаме дека знаеме што представува еден пар на празнини. Но, за што станува збор кога едно галактичко јато има два пара во разлчни насоки?“ вели Франческо Убертоси од универзитетот на Болоња во Италија.
Астрономите до сега ги имаат набљудувано паровите со источно-западна ориентација додека северно-јужниот пар е детектиран во ново многу подолго набљудување направено од Чандра. Подлабоката слика користи време на опсервација од скоро пет дена наспроти четиринаесетте саати на првото набљудување. Многу големата мрежа на радио телескопи – Карл Г. Јански на националната научна фондација веќе направи набљудувања кои докажуваат присуство на два пара на млазеви во форма на радио емисија кои се совпаѓаат со празнините.
Како настанал овој квартет на празнини? Најверојатниот одговор според Убертоси и неговите колеги е присуството на две супермасивни црни дупки кои ги создале млазевите во дадените насоки во скоро исто време.
„Најдобрата идеја е дека еден пар на супермасивни црни дупки довел до пар од парови на празнини“ вели Мирјам Гити, коавтор од универзитетот на Болоња. „Иако сметаме дека супермасивните црни дупки може да формираат бинарни системи, екстремно е ретко да две од нив се набљудуваат во својата активна фаза што го прави ова откритие навистина невообичаено.“
Предходните опсервации со европската VLBI мрежа отркија два извора на радио бранови одвоени само 250 светлосни години. Ако двата извора се супермасивни црни дупки, тогаш се меѓу најблиските парови некогаш детектирани. Двете дупки ќе продолжат да се доближуваат една кон друга создавајќи огромни количини на гравитациски бранови пред да се спојат.
Има уште едно можно објаснување за четирите празнини. Во ова сценарио има само една супермасивна црна дупка со млазеви кои ја менуваат својата насока многу брзо. Анализите на Чандра покажуваат дека времето меѓу создавањето на двата пара на празнини е помалку од 10 милиони години.
„Доколку има само една црна дупка која ги создала овие четири празнини, тогаш ќе треба да ја откриеме историјата на нејзината активност. Клучен аспект во тоа е како млазевите би смениле насока толку брзо, и дали ова е поврзано со околината на галактичкото јато, со физиката на самата црна дупка или комбинација од двете.“ вели Фабрицио Бриѓенти од универзитот на Болоња.
Трудот кој ги објаснува овие резултати може да се најде во Писмата на астрофизичкиот журнал.
Превод: Максим Осман-Николов
Извор: www.nasa.gov