Блискиот прелет на Касини на Енцелад носи изненадувачки фотографии

0
Блискиот прелет на Касини на Енцелад носи изненадувачки фотографии

Кратери во близина на северниот пол на Енцелад изгледаат како да се топат еден во друг. Сликано од леталото Касини (Cassini) на 14 октомври 2015. Заслуги: NASA/JPL – Калтек/Институт за вселенска наука

Ако сте помислиле дека Енцелад, месечината на Сатурн, не може да стане почудна – со неговите гејзери, пукнатини и глобален подземен солен океан – размислете повторно. Нови фотографии од северниот регион на месечината, кои тукушто пристигнаа од леталото Касини, покажуваат изненадувачк особини – измачена површина каде што кратерите изгледаат како да се топат и скршеници кои сечат преку теренот.

Додека мисијата Касини била во системот на Сатурн од 2004 година и неколку пати поминала покрај овој сателит, ова е првиот близок преглед на северниот поларен регион на Енцелад. Леталото ја помина површината на Енцелад на 1839 километри  на 14 октомври 2015.

Кратери и можна права линија на фрактура ја обележуваат површината на Енцелад во оваа слика од леталото Касини направена на 14 октомври 2015. Заслуги: NASA/JPL – Калтек/Институт за вселенска наука

Причината поради која Касини не можел да го види северниот терен на Енцелад пред тоа е бидејќи бил сокриен од темнината на зимата. Сега е лето на северните географски широчини и научниците едвај чекаат да го видат овој досега невиден предел. Судејќо според реакциите на научниците по социјалните медиуми, Касини тимот е возбуден и збунет од овие фотографии во иста мера колку што сме и ние.

За научниците, количината на активност на Енцелад е големо изненадување. Тие сè уште се обидуваат ја откријат неговата историја и начинот на кој настанал.

Кратери и фрактури ја обележуваат површината на Енцелад во оваа слика од Касини леталото сликана на 14 октомври 2015. Заслуги: NASA/JPL – Калтек/Институт за вселенска наука

Фотографиите се сè уште нови и се преработуваат. Ентузијастите веќе ги преработуваат во композитни слики и слики во боја.

Убав поглед кон ноќната страна на српот од месечината Енцелад, осветлен од Сатурн. Бахман кратерот од 10,5 километри е видлив близу центарот. Заслуги: NASA/JPL – Калтек/Институт за вселенска наука, преработка од Џејсон Мејџор

Сатурновата ледена месечина Енцелад на 14 oктомври 2015. Склопено од некалибрирани слики користејќи инфрацрвена, зелена и ултравиолетова светлина. Заслуги: NASA/JPL – Калтек/ИСС/Кевин М. Гил

Лидерот за фотографија на тимот Касини, Каролин Порко, во порака објасни дека камерите биле вклучени поголемиот дел од времето при средбата, дозволувајќи добро набљудување.

Блискиот прелет на Касини на Енцелад носи изненадувачки слики

Сложен регион на кратери и фрактури близу северниот поларен регион на Енцелад. Заслуги: NASA/JPL – Калтек/ Институт за вселенска наука

Иако овие слики се супер, подгответе се за повеќе. Уште поблизок прелет е закажан за среда, 28 октомври, кога Касини ќе прелета само 49 километри над јужниот поларен регион. НАСА вели дека Касини ќе се доближи најмногу до столбовите од вода и смрзнати честички (гејзерите). Тоа ќе даде важна информација за хидротермалната активност во подземниот океан и како влијае на тоа колку таму може да има живот.

Потоа, при друг прелет, последниот закажан близок прелет на Касини на Енцелад, на 19 декември, Касини ќе проверува колку топлина доаѓа од внатрешноста на месечината од висина од 5000 километри.

Енцелад „лебди“ над прстените на Сатурн во оваа фотографија направена од леталото Касини. Заслуги: NASA/JPL – Калтек/ Институт за вселенска наука

Мисијата Касини трае веќе 18 години.

Превод: Јован Милосковски

Извор: Universe Today

Сподели.