Бетелгез повторно се затемнува

0

Само што помисливте дека повторно можете да почнете да го игнорирате Бетелгез, црвениот џин повторно почна да се занесува. По првото затемнување, проследено со осветлување, Бетелгез повторно почна да се затемнува.

Исто така, ова ново затемнување не се совпаѓа со моменталниот циклус на светлосни промени на Бетелгез, што повторно обраќа внимание на ѕвездата.

bet1

Заслуги: ЕЈО/Дигитализиран небесен поглед 2. Признание: Давид де Мартин

Бетелгез, на далечина од 700 светлосни години во соѕвездието Орион, е една од најсветлите и најинтересните ѕвезди на нашето небо. Интересна е бидејќи е многу стара за ѕвезда од нејзиниот вид, од 8 до 8,5 милиони години, речиси пред умирање.

Се мисли дека е 10 до 25 пати поголема од Сонцето, и поголемиот дел од својот живот го поминала како жешка, масивна сино-бела ѕвезда. Сега деновите на водородна фузија во ѕвезденото јадро се поминати; Бетелгез го има потрошено својот водород од пред некое време, и сега фузира хелиум во јаглерод и кислород.

Откако ќе го потроши хелиумот ќе фузира се потешки и потешки елементи, таложејќи железо во јадрото кое кога-тогаш ќе предизвика ѕвездата да се претвори во супернова. Но иако драматични затемнувања се очекувани пред експлозијата, сеуште не сме дојдени до таму. Астрономите предвидуваат дека имаме уште неколку десетици илјади години за чекање.

Таканареченото Големо затемнување, кое се случуваше од септември 2019 до февруари 2020, беше доста драматично, намалувајќи ја светлоста на ѕвездата речиси 25 проценти.

Бетелгез е полупериодична променлива ѕвезда, што значи дека нејзината светлина осцилира во правилни циклуси. Најдолгиот од овие циклуси траел 5,9 години. Друг траел само 425 дена. Големото затемнување беше многу блиску до помалиот од овие два циклуси, но се испостави дека ваквите циклуси не биле причината за настанот.

Астрономите сега се прилично сигурни дека ова било само кивавица: Бетелгез исфрлила материја која делумно ја затскрила; ништо неочекувано за толку стара ѕвезда.

„Постојано го забележуваме ова во црвени суперџинови, и истото е нормален дел од нивниот животен тек,“ рече астрономот Емили Левеск од Универзитетот на Вашингтон во март.

„Понекогаш црвените џинови ќе истресат материјал од нивната површина, кој се кондензира во прашина околу ѕвездата. Како што се лади и распаѓа, прашината собира дел од светлината која е упатена кон нас и со тоа ни го попречува погледот.“

Тоа ја решава таа мистерија. Но треба да се истражи и новото затемнување. Иако не е драматично колку Големото затемнување, не се совпаѓа со циклусите на менување на ѕвездата.

Следното најголемо осветлување на Бетелгез треба да се случи… сега, август и септември 2020. Затоа ѕвездата би требало постепено да се осветлува цела година.

Всушност, светлоста на ѕвездата е малку тешка за следење во последно време, бидејќи на нашето небо Бетелгез е позади Сонцето од мај до август. Но Опсерваторијата за сончеви и земјени релации (Solar and Terrestrial Relations Observatory – STEREO) на НАСА е во сончева орбита која заостанува позади Земјата, што значи дека би можела да ја набљудува Бетелгез некое време откако ѕвездата исчезнува од Земјиниот видик.

bet2

Погледот кон Бетелгез на STEREO. Заслуги: NASA/STEREO/HI

И додека STEREO ја набљудуваше ѕвездата од мај до јули, таа не се осветлуваше – токму напротив.

„Изненадувачки, наместо да продолжи или да престане да се осветлува, Бетелгез намали ~0.5 mag од средината на мај до средината на јули,“ напиша тим од научници воден од Андреа Дупри при Харвард Смитсонијан центарот за астрофизика во напис за Астрономскиот телеграм.

„Во текот на набљудувањата од STEREO, ѕвездата се затемнувала 5 mmag на ден.“

Добро е што Бетелгез повторно е видлива на нашето небо, што значи дека можеме да ја набљудуваме повеќе. Хелиосферичниот имаџер на STEREO ја забележа светлоста на ѕвездата во видлива светлина, но повеќе инструменти можат да откријат, на пример, промени во температура – за да се потврди или одбие активноста на сончеви пеги – и дали ѕвездата се зголемува или намалува, како што се откри во Големото затемнување.

Според нејзиниот 425-дневен циклус, следното затемнување на Бетелгез треба да биде во април 2021. Но ѕвездата може да биде прилично непредвидлива настрана од познатите циклуси, и има сложени промени во светлината кои сеуште не ги разбираме доволно добро.

Можеби ова предвремено затемнување ќе ни помогне да разбереме што се случува во оваа навидум бурна и немирна ѕвезда. Тоа потоа би можело да ни помогне да ги разбереме процесите на крајот на животите на масивни ѕвезди, во нивните последни години.

„Ќе биде важно,“ пишуваат истражувачите, „да продолжиме да ја следиме Бетелгез во 2020/21.“

Превод: Јоаким Јаковлески

sciencealert.com

Сподели.