Астрономите забележаа мистериозен систем оддалечен 1600 светлински години

0
Уметнички приказ на бинарен систем составен од кафеави џуџиња со диск материја. Извор: NASA/Gemini Observatory/ L. Cook

Уметнички приказ на двоен систем составен од кафеави џуџиња со диск од материја. Извор: NASA/Gemini Observatory/ L. Cook

На 1.600 светлински години од нашиот Сончев Систем се наоѓа еден невообичаен систем, составен од две кафени џуџиња. Ова се масивни објекти кои се преголеми за да бидат планети, а мали за да го започнат процесот на фузија на водород и да постанат ѕвезди. Интересниот дел е што околу помалото кафеаво џуџе се откри планета со големина на Венера.

Ова е прв случај на карпеста планета која орбитира околу кафеаво џуџе. Соодносот меѓу масата на кафеавото џуџе и планетата соодвествува со она помеѓу Сонцето и Уран, или Јупитер и Калисто (неговата втора најголема месечина). Се смета дека овој систем е зголемена верзија на сателит кој орбитира околу планета или намалена верзија на планета која орбитира околу ѕвезда.

Планетите и месечините доаѓаат од ваков диск материја од гас и прашина, кој ротира како прстен околу поголемо гравитациско тело. За некое време, оваа материја се групира во поголеми објекти, кои всушност се месечини и планети. Според последното истражување создавањето на објекти од ваквите дискови е слично за планетите, ѕвездите и за кафеавите џуџиња.

Називот на објектот за кој се зборува е OGLE-2013-BLG-0723B, а неговата орбита е 400 денови, на растојание од 50 милиони километри од домаќинот. Има маса помала за 30% од Земјата и е за нијанса помасивен од Венера. Откритието беше направено благодарение на техниката наречена микролеќа.

Ако два масивни објекти, во овој случај кафеаво џуџе и ѕвезда, се подредат едно пред друго од наша гледна точка на небото, тогаш гравитацијата од кафеавото џуџе се однесува како леќа и ја зголемува светлината која ја добиваме од поодалечената ѕвезда. Од наша гледна точка ѕвездата станува се посјајна, достигнувајќи го максимумот кога двата објекти се совршено поставени еден пред друг, за потоа да се врати во својата оригинална осветленост.

Кога една планета орбитира околу кафеаво џуџе има скокови во сјајноста на ѕвездата, наеднаш станува посјајна од очекуваното. Повеќето од егзопланетите ги откриваме токму поради нивното преминување пред ѕвездите, бидејќи тогаш се забележува мало затемнување. Оваа техника не би функционирала кај кафеавите џуџиња поради тоа што тие не емитуваат доволно светлина. Затоа, за откривање на карпести планети околу кафеави џуџиња единствен корисен метод кој може да се употреби е микролеќа.

Превод: Михаела Стојанова

Извор: IFL Science

Сподели.