АЛМА открива двојна ѕвезда со многу чуден протопланетарен диск

0

Астрономите со помош на телескопот АЛМА (Atacama Large Millimeter/submillimeter Array) открија протопланетарен диск кој кружи околу две млади ѕвезди во бинарниот систем ХК Таури. Најновите набљудувања на телескопот овозможуваат најјасна слика од дискот околу бинарниот ѕвезден систем.

Откако ќе бидат анализирани резултатите, научниците ќе можат да дадат одговор зошто има толку голем број на вонсоларни планети, за разлика од планетите во Сончевиот систем кои имаат чудни, ексцентрични и накосени орбити. Резултатите ќе бидат објавени во списанието Nature, на 31 јули 2014 година.

АЛМА открива двојна ѕвезда со многу чуден протопланетарен диск

За разлика од нашето Сонце, поголемиот број на ѕвезди формираат парови – две ѕвезди кои се наоѓаат во орбита една околу друга и се многу честа појава.

Според астрономот од Свартмор колеџот од Пенсилванија, САД, АЛМА телескопот досега овозможил најдобар поглед во системот на бинарните ѕвезди кој ја создава протопланетарниот диск. Од колеџот успеале да откријат дека дисковите меѓусебно не се израмнети.

Двете ѕвезди од ХК Таури системот, кој се наоѓа на 450 светлински години од Земјата, во соѕвездието Бик, се стари помалку од 5 милиони години и меѓусебно се оддалечени 58 милијарди километри, што е еднакво на 13 пати од оддалеченоста помеѓу Нептун и Сонцето.

Помалку сјајната ѕвезда, ХК Таури Б, е опкружена со протопланетарен диск кој ја блокира нејзината светлина. Со оглед дека блескавиот сјај на ѕвездата е потиснат, на астрономите им е доста лесно да го набљудуваат дискот во видливата светлина или на блиските инфрацрвени бранови должини.

Ѕвездата сопатничка, ХК Таури А, исто така, има диск, кој не го блокира нејзиниот сјај. Поради тоа, не е можно да се види дискот во видливата светлина, бидејќи нејзиниот слаб сјај ја засенува блескавоста на ѕвездата. Но, дискот сјае во милиметарскиот дел од спектарот, која АЛМА може да го забележи.

Со помош на овој телескоп, тимот научници е во можност за првпат да ја измери ротацијата на ХК Таури А, како и да утврдат дека дисковите не се израмнети и имаат агол од 60˚. Тоа значи дека наместо да се на иста рамнина и со орбитата на ѕвездите, еден од дисковите е значително накосен.

Според Центарот на НАСА за вонсоларни планети на технолошкиот институт во Калифорнија, оваа накосеност им овозможува увид во младиот бинарен систем. Ѕвездите и планетите се формираат од пространите облаци од гас и прашина. Кога материјалот во облакот ќе почне да се собира под влијание на гравитацијата, тој почнува да ротира додека поголемиот дел од гасот и прашините не паднат на рамниот протопланетарен диск, кој кружи околу централната протоѕвезда.

Но, во бинарниот систем како што е ХК Таури, работите се многу покомплексни. Кога орбитите на ѕвездите и пропланетарните дискови не се на иста рамнина, тогаш било која планета која ќе се формира од тој диск ќе има значителна ексцентрична и накосена орбита. Со оглед на тоа дека АЛМА може да забележи и невидлив гас и прашина од протопланетарниот диск, телескопот овозможи да се направи увид во младиот бинарен систем, кој досега никој го нема видено. Научниците сега можат да ги видат раните фази од формирањето на планетарниот диск.

Тимот од истражувачи се надева дека ќе може да утврди дали овој тип од системи е типичен во Вселената.

Според нив, иако разбирањето на овој процес е голем чекор напред, сè уште не може да ги објасни сите чудни орбити на вонсоларните планети.

Поради тоа, ова е сè уште интересна загатка, која треба да се реши!

Превод од соопштението на ЕСА за јавност – есо 1423

Превод: Петар Ивановски

Извор: Astronomski magazin

Сподели.