АЛМА го истражува дискот од остатоци на Фомалхаут

0

Фомалхаут е една од најсветлите ѕвезди на небото. На оддалеченост од околу само 25 светлински години, оваа ѕвезда е мошне блиску до нас и може да се види како силно сјае во соѕвездието Piscis Austrinus (Јужни Риби).

ALMA го истражува дискот од остатоци на Фомалхаут

Дискот од остатоци на Фомалхаут, фотографиран со помош на телескопот АЛМА во Чиле. Заслуги: ALMA (ESO/NAOJ/NRAO)/L. Matrà/M. A. MacGregor

Оваа слика од Големата Милиметарска/субмилиметарска Низа во Атакама (ALMA) го покажува Фомалхаут (во центар) опкружен со прстен од правлив отпад – ова е првиот пат оваа слика да биде добиена со толку висока резолуција и осетливост на милиметарски бранови должини.

Дискот на Фомалхаут претставува мешавина од космичка прашина и гас од комети во системот на Фомалхаут (надворешни комети), кој бил ослободен од нив додека (кометите) поминувале блиску и се судирале едни со други. Оваа турбулентна околина наликува на ран период во нашиот Сончев Систем, познат како Доцното големо бомбардирање, кое се случило пред приближно 4 милијарди години. Оваа ера била сведок на огромен број на карпести објекти кои се трупале во внатрешниот Сончев Систем и се судирале со младите карпести планети, вклучувајќи ја и Земјата, каде што формирале мноштво судирни кратери, од кои многу остануваат видливи и до ден денес на површините на планетите, како Меркур и Марс.

Се знае дека Фомалхаут е опкружена со неколку дискови од отпад – оној кој е видлив во сликата од ALMA е најнадворешниот. Прстенот е приближно 20 милијарди километри далеку од централната ѕвезда и е широк околу 2 милијарди километри. Ваков релативно тесен и ексцентричен прстен може да биде произведен само од гравитациското влијание на планети во системот, како Јупитеровото гравитациско влијание на нашиот астероиден појас. Во 2008 Вселенскиот телескоп Хабл на НАСА/ЕСА ја откри познатата надворешна планета Фомалхаут б, која што орбитира во овој појас, но планетата не е видлива во оваа слика на ALMA.

Превод: Јоаким Јаковлески

Извор: ESO

Сподели.