Секој наставник по физика во средните училишта може веднаш да ги изрецитира следните зборови: „Според Ајнштајновата Специјална теорија на релативност, брзината на светлината е секогаш иста, па затоа законите на физиката се исти насекаде во Универзумот“. За неколку научници оваа изјава претставила предизвик и мотивација за свои истражувања. Жоао Магуељо од Империјалниот универзитет во Лондон и Ниајеш Афшорди од Институтот Периметар во Канада предложиле нов експеримент со кој би го побиле Ајнштајн и би докажале дека брзината на светлина не е константна. Тие сметаат дека светлината можеби се движела со друга брзина во минатото, особено во периодот на Големиот Прскот, и дека потоа таа брзина се има намалено. Брзината на светлината е идеја со која научниците и мислителите се занимаваат уште од добата на Аристотел, но потребен бил некој како Ајнштајн кој на овој концепт дал соодветен контекст во модерната ера на физика преку брилијантните теории за Специјалната и Општа теорија на релативноста. Претпоставката дека брзината на светлината е константна претставува централен концепт со кој согледуваме дека Универзумот е униформен.
Доколку пак брзината на светлината не е константна, тогаш тоа ги става под знак прашалник дури и основните принципи на физиката. Магуељо и Афшорди размислуваат дека брзината на светлината можеби била различна за време на почетоците на Универзумот, кога тој бил згрутчен и имал состојба на поголема густина. Засега ова е објаснето со теоријата на инфлација, според која Универзумот доживеал огромно проширување за многу краток период, по кој следело забавување на експанзијата и добивање на денешната состојба на Универзумот.
Но ако брзината на светлината била под влијание на згрутченоста на Универзумот, тогаш можеби таа не можела да ги достигне рабовите на проширувачкиот Универзум. Тимот верува дека брзината на светлината била побрза од онаа денес и тој начин стигнала до рабовите на Универзумот. Како што тој се распределил и станал похомоген, така брзината на светлината опаднала. Сепак, доколку рабовите на Универзумот сè уште се составени од згрутчени густини, тие би можеле да причинат побрза од очекуваната брзина на светлина.
Сево ова е прилично фасцинантно, но нè доведува до критичното прашање: Дали вооопшто треба да ни е грижа? Доколку Ајнштајн не е во право и брзината на светлината не е константна, што всушност би се променило во нашето разбирање за Универзумот?
Практично гледано, очигледно ова нема никакво значење за нас. Брзината на светлината, независно од тоа каде се наоѓаме во Универзумот, ќе остане иста за времето на нашето постоење. Не сме ниту близу да создадеме начини на патувања кои се близу брзината на светлината.
Доколку тоа некогаш се случи, тогаш би имале причина подобро да ја разбереме брзината на светлината. Ако во иднина овозможиме меѓуѕвездени патувања, тоа ќе овозможи да одиме до регионите на Универзумот каде би ги имало споменатите густински згрутчувања.
Вакво откритие би можело да ги потресе основите на физиката и би претставувало фасцинантно и можеби обесхрабрувачко сценарио за физиката. Од тие причини секако дека е од огромно значење да се открие дали Ајнштајн бил во право во врска со брзината на светлината.
Сепак, со зборовите на големиот Карл Саган: „Извонредни тези бараат извонредни докази“ и сите овие шпекулации треба веднаш да паднат во вода доколку Магуељо и Афшорди не ја поткрепат својата хипотеза со емпириски, односно експериментални докази. Многу лесно може да се покаже дека всушност тие не се во право. Ќе биде интересно да видиме што тие ќе добијат како резултати од своите екперименти.
Превод: Бојан Андоновски
Извор: Inverse