Истражување на потеклото на органските материи на Церера

0

Откако леталото на НАСА, Зора (Dawn), откри локации на Церера кои се богати со органски материјал, Југозападниот истражувачки институт (SwRI) ги пребаруваше сите досегашни податоци испитувајќи различни сценарија за нивното потекло. По внимателно испитување на можноста органскиот свет да потекнува од комета или астероид, беше заклучено дека мноштвото докази укажуваат на тоа дека Церера отсекогаш бил негов домаќин.

Истражување на потеклото на органските материи на Церера

Концентрацијата на органски материи е најголема во подрачјето на кратерот Ернутет (Ernutet), прикажано со зелена и црвена боја. Црвената боја укажува на највисоката концентрација на органски свет. Заслуги: NASA/JPL-Caltech/UCLA/ASI/INAF/MPS/DLR/IDA

„Oткритието на локално високи концентрации на органски материи близу до кратерот Ернутет претставува интересна загатка“ – вели др. Симон Марчи, научник во SwRI. Тој ќе ги дискутира откритијата на неговиот тим на состанокот на 49-тата дивизија за планетарни науки на Американското астрономско друштво во Прово. Дали органската материја била донесена на Церера однадвор, по нејзиното создавање, или пак таа била синтетизирана на Церера со внатрешни процеси, останува непознато.

Се верува дека Церера потекнува од пред 4,5 милијарди години, од зачетоците на нашиот Сончев Систем. Проучувањето на нејзиниот органски свет ќе значи објаснување на потеклото, еволуцијата и распределбата на органскиот свет низ целиот Сончев Систем, а не само на Церера. Нејзината локација на самата граница помеѓу внатрешниот и надворешниот Сончев Систем, како и нејзиниот интригантен состав (глина, натриумови и амониумови карбонати) укажува на една многу комплексна хемиска еволуција. Улогата на органските материи во оваа еволуција не е целосно разбрана, но таа има важни астробиолошки импликации.

Поранешните истражувања за геологијата на регионите на Церера богати со органски материи не одговорија на прашањето за нивното потекло. Неодамна беа направени подетални истражувања за одржливоста на органските материи кои пристигнале преку удар на комета или астероид . Научниците испитаа низа параметри релевантни при еден ваков удар, како што се големината на објектот и брзината при ударот со помош на iSALE симулациите. Овие симулации укажаа дека објекти како кометите при удар со голема брзина ќе го изгубат речиси сите органски материи поради компресијата од ударот. Астероидите, пак, при помала брзина во време на ударот, би можеле да задржат 20-30% од нивниот органски свет пред ударот. Ова особено важи за мали објекти и при кос агол на удар. Сепак, локализираната просторна дистрибуција на органскиот свет на Церера е тешко да се поврзе со достава од астероиди.

„Заклучокот е дека органскиот свет најверојатно потекнува од самата Церера“ – вели Марчи.

Превод: Милан Велков

Извор: Phys

Сподели.