Воведен курс по астрономија 2018 со посебен повод

0

Со почеток од 27-ми март 2018 година, Скопско Астрономско Друштво го организира редовниот Воведен курс по астрономија 21-ви пат по ред, но оваа година со посебен повод – 20 години постоење и успешна работа на Друштвото! Придружете ни се, затоа што учењето го правиме забавно, а овие предавања се одлична можност да се запознаете и со нашата работа и доколку сакате да ни се придружите како членови.

Целта на курсот е посетителите да се запознаат со основните принципи и факти од областа на астрономијата, без да им бидат потребни предзнаења од оваа наука. Астрономските термини и објекти ќе ги претставиме преку секојдневни примери, многу слики, анимации, неколку важни равенки и секако, набљудувања со телескопи.

Предавањата ќе се одржуваат два пати неделно – вторник и четврток, во амфитеатарот на Факултетот за електротехника и информатички технологии (ФЕИТ) со почеток од 20:00 часот.

Курсот ќе започне на 27.03.2018 (вторник). Предвидени се 10 термини, од кои два во Планетариумот при Младинскиот Културен Центар во Скопје. Предавањата ќе завршат на 26.04.2018, по што следи опционен тест, а потоа и доделување на дипломи за учесниците.

Воведен курс по астрономија 2018

 

Цената за целокупниот курс е 1500 денари. За студентите на ФЕИТ (со приложен индекс или студентска легитимација) и членовите на Скопско астрономско друштво, цената на курсот е 1000 ден. Во цената се вклучени:

  • скрипта со материјали од курсот;
  • посета на Планетариумот;
  • набљудувања со телескопи;
  • завршен тест;
  • диплома.

Важно:

  • Курсот не го препорачуваме за деца под 12 години;
  • Претходно пријавување не е потребно. Уплатата се врши пред почетокот на првото предавање.

За повеќе информации пишете нѝ на kontakt@astronomija.mk или јавете се на 076 439 027.

Благодарност до Факултет за електротехника и информациски технологии – ФЕИТ за поддршката.

Сподели.