Во чест на Свети Фалкон Хеви Тробустерски

0

На 6-ти февруари беше лансиран долгоочекуваниот експериментален лет на Фалкон Хеви (Falcon Heavy) од компанијата на Елон Маск, SpaceX. Сигурен сум дека на интернет веќе сте виделе бројни снимки и фотографии од полетувањето и сè што се случуваше пред и по целиот овој спектакуларен настан.

Во чест на Свети Фалкон Хеви Тробустерски

Фалкон Хеви во исчекување на својот лет, на лансирната рампа на Кејп Канаверал.

Во нашите кругови, за овој настан се зборува со години наназад и, како што се доближуваше денот на лансирањето, атмосферата од ден во ден сè повеќе се вжештуваше. Многу работи се случуваа во неколкуте денови пред тоа, меѓу кои и неизгласување на буџетот во Соединетите Американски Држави, па неколку денови доцнеа и со Пробата со вклучување на сите 27 Мерлин мотори одеднаш. Тоа дополнително го одложи и лансирањето. Но, откако Елон Маск го објави твитот за датумот на лансирање, како да отпочна симултан тајмер кај многумина во друштвото и почнавме да го собира секој детал, околу лансирањето, но и за самата ракета Фалкон Хеви.

Во чест на Свети Фалкон Хеви Тробустерски

Возбудени членови на САД во исчекување на моментот на лансирање.

За каква чудна група на луѓе се работи, веројатно говори и фактот што за време на скорешното Европско ракометно првенство, ние ги избегнуваме местата каде се гледаат натпревари за да можеме непречено да зборуваме за нашиот шампион, Фалкон Хеви. Во Друштвото одлучивме дека ова е преголем настан за да го направиме само за нас, па затоа решивме да организиравме отворен настан во Кафе Ли, каде што беа повикани сите заинтересирани да дојдат и заедно да го проследиме целиот настан. Морам да признаам дека моите очекувања беа многукратно надминати. Уште на доаѓање, бев дочекан со информација дека нема место за седење. И, навистина немаше. Кафулето беше преполно, а подготовките за настанот беа во полн ек. Местото каде што беше проекторот не беше идеално, но сепак самиот настан и не беше толку долг, па немаше проблем да се собереме во централниот дел, од каде што проекцијата најдобро се гледаше.

Во чест на Свети Фалкон Хеви Тробустерски

Дури и најмладите членови ја почувствуваа атмосферата на возбуда. Имавме и наш сопствен модел на Фалкон Хеви!

Лансирањето беше закажано во 19:30 часот, по наше време. Линковите за набљудување на настанот беа подготвени и почнавме со одбројување. Но, набрзо стигна информација дека, поради ветер, лансирањето е одложено за 21:05 часот. Во тој момент, имавме сомнежи и дека можеби лансирањето нема да се случи тој ден, но времето беше добро, и покрај ветерот. Убавото дружење со луѓето кои сакат да присуствуваат на еден ваков настан направи воопшто да не нè вознемири првото одложување на лансирањето. Нешто пред 21 часот, пристигна и второ известување за уште едно одложување на лансирањето, за 21:45 часот. Имаше луѓе кои повеќе не сакаа да чекаат, па си заминаа. И покрај заминатите, во кафулето останаа доволно луѓе за речиси да нема слободно место за седење.

Во чест на Свети Фалкон Хеви Тробустерски

Промена на тимот! Дизајн: Тино

Во 21:30 часот веќе бевме сигурни дека Фалкон Хеви ќе биде лансиран. Се собравме околу проекцијата и одбројувањето започна. Она што следеше потоа беше нешто, по кое сум сигурен дека многумина ќе го паметат лансирањето. Како сите со своето бодрење да помогнавме за Фалкон Хеви да се издигне од платформата 39А во Вселенскиот центар Кенеди, истата онаа платформа од која полетаа првите космонаути кон Месечината пред речиси половина век.

Видео: Членовите на САД и останатите ентузијасти во Кафе Ли навиваа заедно со целиот свет за време на историското лансирање

Сè почна многу спектакуларно, со издигање на огромен облак од водена пареа од лансирната рампа, од која полека се издигаше импозантната ракета. Можам само да замислам како им било на оние кои се наоѓале на неколку километри од лансирното место во Флорида.

Во чест на Свети Фалкон Хеви Тробустерски

Полетување!

Првата препрека која Фалкон Хеви требаше да ја помине беше поминувањето низ т.н. точка на максимално оптеретување, или во нивен жаргон – МахQ. Тоа помина одлично, со известување од контролниот центар дека сите мотори работат номинално.

Во чест на Свети Фалкон Хеви Тробустерски

27 Мерлин мотори го издигнуваат Фалкон Хеви од LC-39A за првпат. Заслуги: @johnkrausphotos

Потоа, дојде моментот кога страничните бустери требаше да се одвојат, што исто така помина одлично. Целиот настан беше следен од многу камери и беше потребен мал напор за да се следи што се случува на сите мини екранчиња. Јас лично бев импресиониран од делот на одвојување на бустерите, пришто тие, како двајца кореографирани танчери, си зазедоа позиција и синхронизирано го продолжија патот кон местата на слетување. На екранот цело време се гледаше нивниот пат кон целта. И она за што сите сонуваме, да видиме два бустери во синхроно слетување, го дочекавме. Тоа е момент кој дефинитивно длабоко ми се врежа во сеќавање. Целиот настан всушност долго ќе го паметам и мислам дека во наредниот период со пријателите долго ќе си го прераскажуваме.

Во чест на Свети Фалкон Хеви Тробустерски

Незаборавен момент –
Истовременото слетување на страничните бустери на Фалкон Хеви

Малку потоа следеше и одвојувањето на централниот бустер од втората фаза, кој на врвот го носеше единтвениот корисен терет во историја на лансирање. Од Спутник, па до вчера, за првпат беше лансиран автомобил (Тесла Роудстер), наводно во сопственост на самиот Елон Маск. Но моментот на појавување на автомобилот, со сега веќе легендарниот Стармен (Starman). Всушност, тоа е само уште еден проект на SpaceX – вселенско одело, т.е. скафандер. По барање на самиот Елон Маск, во скафандерот нема никакви инструменти и камери. Појавувањето на Стармен беше внимателно кореографирано со музиката на Дејвид Боуви, Life on Mars. Тој момент предизвика вистинско воодушевување меѓу луѓето, како кај нас, во Кафе Ли, така и во контролниот центар каде што настанот го следеа сите вработени во SpaceX. Морам да го издвојам и моментот кога камерата на седиштето го забележа мометот кога на контролната табла од автомобилот стоеше култниот натпис „DON’T PANIC, од уште покултната книга на Даглас Адамс, „Автостоперски водич низ галаксијата“. Само припадниците на посебно племе можат да го разберат тој момент и таа порака беше упатена токму кон нив.

Во чест на Свети Фалкон Хеви Тробустерски

DON’T PANIC!

На крајот, се чекаше истото слетување на гореспоменатите бустери да го направи и централниот бустер на платформата со симпатично име, „Of Course I Still Love You,“ во Атлантскиот океан, но за жал тоа не се случи. Проблемите со недостаток на гориво довеле до тоа да се запалат само неколку мотори, што предизвикало да не дојде до доволно успорување и бустерот удрил во океанот со брзина од околу 500 km/h, на само стотина метри од платформата каде требаше да слета.

Во чест на Свети Фалкон Хеви Тробустерски

Уште една фотографија од полетувањето на Фалкон Хеви.

По настанот, видно возбудени од целото случување, полека почнавме да се подготвуваме за одење дома, за во опуштена атмосфера да го следиме летот на Стармен и да продолжиме да разговараме за настанот со часови потоа, како да не ни беше доволно времето поминато во Кафе Ли.

Во чест на Свети Фалкон Хеви Тробустерски

Патувањето на Стармен го следевме во домашна атмосфера, восхитувајќи се на отсјајот од планетата Земја врз Тесла роудстерот.

Целта на ова прво експериментално лансирање на Фалкон Хеви е да се види дали целиот систем со два бустери (странични ракети или први степени) и централното јадро, кои сите заедно имаат 27 т.н. Мерлин мотори, можат да исфрлат корисен терет во Вселената, кој се мери во десетици тони. Доколку целиот систем проработи, ќе може полека да започнат подготовките за нови мисии на Месечината и Марс. Со сите податоци кои се собрани од целиот настан, SpaceX ќе ги подготви следните мисии, за кои сум сигурен дека ќе бидат уште поуспешни. SpaceX веќе има армија на луѓе кои внимателно следат сè што се случува и со нетрпение ги очекуваат новите мисии.

Како еден дел од таа, армија ве поздравувам, и се гледаме на некоја наредна мисија на SpaceX, за која сум сигурен дека нема да чекаме многу долго и со сигурност ќе се собереме повторно за заедно да навиваме за новите успеси.

*Во прилог, можете да го уживате во целото видео од лансирањето:

Текст: Радан Митровиќ

Сподели.