Фомалхаут е една од најсветлите ѕвезди на небото. На оддалеченост од околу само 25 светлински години, оваа ѕвезда е мошне блиску до нас и може да се види како силно сјае во соѕвездието Piscis Austrinus (Јужни Риби).
Оваа слика од Големата Милиметарска/субмилиметарска Низа во Атакама (ALMA) го покажува Фомалхаут (во центар) опкружен со прстен од правлив отпад – ова е првиот пат оваа слика да биде добиена со толку висока резолуција и осетливост на милиметарски бранови должини.
Дискот на Фомалхаут претставува мешавина од космичка прашина и гас од комети во системот на Фомалхаут (надворешни комети), кој бил ослободен од нив додека (кометите) поминувале блиску и се судирале едни со други. Оваа турбулентна околина наликува на ран период во нашиот Сончев Систем, познат како Доцното големо бомбардирање, кое се случило пред приближно 4 милијарди години. Оваа ера била сведок на огромен број на карпести објекти кои се трупале во внатрешниот Сончев Систем и се судирале со младите карпести планети, вклучувајќи ја и Земјата, каде што формирале мноштво судирни кратери, од кои многу остануваат видливи и до ден денес на површините на планетите, како Меркур и Марс.
Се знае дека Фомалхаут е опкружена со неколку дискови од отпад – оној кој е видлив во сликата од ALMA е најнадворешниот. Прстенот е приближно 20 милијарди километри далеку од централната ѕвезда и е широк околу 2 милијарди километри. Ваков релативно тесен и ексцентричен прстен може да биде произведен само од гравитациското влијание на планети во системот, како Јупитеровото гравитациско влијание на нашиот астероиден појас. Во 2008 Вселенскиот телескоп Хабл на НАСА/ЕСА ја откри познатата надворешна планета Фомалхаут б, која што орбитира во овој појас, но планетата не е видлива во оваа слика на ALMA.
Превод: Јоаким Јаковлески
Извор: ESO