АЛМА погледнува кон членот на Сончевиот Систем наречен ДиДи

0
АЛМА погледнува кон членот на Сончевиот Систем наречен ДиДи

Уметнички приказ на ДиДи. Заслуги: Alexandra Angelich/NRAO/AUI/NSF

Периферијата на Сончевиот Систем има повеќе нешта одошто мислиме. Зад орбитата  на Нептун, астрономите претпоставуваат дека има огромно количество на мали тела, а можеби дури и џиновска планета. 2014 UZ224, познат и под името ДиДи, е еден од овие светови кои беше анализиран со помош на мрежата од радио телескопи во Атакама, наречена АЛМА. Дијаметарот на ДиДи е 635 километри, што е околу 67% од дијаметарот на Церера – џуџеста планета во астероидниот појас. Со таа големина, ДиДи е најверојатно сферично тело, што е и еден од критериумите за да добие статус на џуџеста планета. Анализата е објавена во „Писма на Астрофизичкото списание“ на Издаваштвото на Институтот за физика во САД.

АЛМА погледнува кон членот на Сончевиот Систем наречен ДиДи

Фотографија од објектот 2014 UZ 224, наречен и ДиДи. Заслуги: ALMA/ESO/NAOJ/NRAO

Според Дејвид Гердес од „Универзитетот на Мичиген“, зад Плутон има регион полн со планетарни тела кои имаат различни големини – од многу мали, до такви со големини скоро колку Плутон, па и поголеми. Бидејки овие тела се толку далечни и темни, многу е тешко да се детектираат, а уште потешко детално да се проучат. Но, со помош на АЛМА овозможено е откривање на некои интересни детали за овие светови.

Откривањето на ДиДи беше објавено есента во 2016-та година, по две години додатни набљудувања за да се потврди постоењето. ДиДи е вториот најоддалечен објект во Сончевиот Систем по џуџестата планета Ерида. Сместен е на растојание од Сонцето кое е 92 пати подалеку отколку Земјата и потребни му се 1100 години да ја помине својата орбита околу Сонцето.

АЛМА погледнува кон членот на Сончевиот Систем наречен ДиДи

Оддалеченост на ДиДи од Сонцето во споредба со други објекти. Заслуги: Alexandra Angelich/NRAO/AUI/NSF

Астрономите мораа да го искористат АЛМА бидејки објектот е многу студен (30 К над апсолутната нула) и поради тоа што рефлектира само 13% од малото количество на светлина што го добива од Сонцето.

ДиДи е остаток од почетоците на Сончевиот Систем и со тоа прозорец кон минатото на нашата планета. Според Гердес „Сè уште има светови за откривање во нашиот космички двор, а Сончевиот Систем е богато и комплицирано место.“

Превод: Максим Осман-Николов

Извор: IFL Science

Сподели.