Нова џуџеста планета: 2014 UZ224

0
Нова џуџеста планета: 2014 UZ224

Уметничка претстава за далечна џуџеста планета.

2014 UZ224 е големо тело, веројатно џуџеста планета, пронајдено на работ на Сончевиот Систем, во областа позади Нептун позната како Кајперов појас. Од сите тела во Сончевиот Систем со добро познати орбити, ова новооткриено тело е најдалечно, по џуџестата планета Ерида. Средната оддалеченост изнесува 109 астрономски единици (1 а.е.= 150 милиони километри). Кога знаете дека Земјата од Сонцето е оддалечена 1 а.е. тогаш овие 109 се навистина далеку од нас. Една година на оваа новооткриена џуџеста планета изнесува 1136 наши, Земски години, т.е. толку време е потребно таа да направи едена револуција околу Сонцето. Светлината од Сонцето до неа стигнува за 12,5 часа.

Џуџестата планета се движи по доста издолжена елиптична орбита, па најмногу му се доближува на Сонцето на растојание од 5,7 милијарди километри (перихел). Во афел (најдалечна точка од Сонцето) е на растојание од 27 милијарди километри. Во моментов оваа џуџеста планета е оддалечена над 90 а.е. и ни се приближува. По 2142 години таа ќе пристигне во својот перихел.

Магнитудата на 2014 UZ224 изнесува 23,2 што значи дека е предизвик и за најмоќните денешни телескопи.

Оваа џуџеста планета е забележана на снимка уште во 2014 година, но соопштението за нејзино откривање морало да доцни две години – две години долга истражувачка работа. Откриена е после прегледот на илјада снимки собрани во склоп на проектот Dark Energy Survey (DSE). DSE е проект за истражување на темната материја врз основа на снимање и проучување на стотини милиони оддалечени галаксии со помош на камерата од 4-метарскиот телескоп Серо Тололо (Cerro Tololo) на опсерваторијата сместена во Чиле. На тие снимки, освен галаксии, забележани се и многу блиски објекти, меѓу кои и 2014 UZ224.

Колку е голема оваа мала планета е прашање кое е тешко да се одговори. На снимките таа се гледа само како точка која е тешко да се разликува од стотини илјади други. Но, оваа точка со текот на времето воочливо се поместува, што може да се забележи со споредување на повеќе снимки добиени во различни временски периоди. Сепак, таа на снимките и понатаму се гледа само како точка. Тогаш како се  проценува оддалеченоста на далечните објекти? Во недостаток на други валидни методи, тоа се прави со помош на сјајноста на објектот. Поголемите објекти рефлектираат појак сјај и обратно. Секако, сјајот зависи и од материјата од која е составен објектот, а тоа може, иако грубо, да се претпостави. Па така, процените се дека овој објект во дијаметар има помеѓу 350 и 1200 километри и според ова објектот е многу помал од Плутон, чијшто дијаметар изнесува 2370 км. За подетални проценки потребни се подобри снимки, што сигурно ќе биде задача за новите генерации моќни телескопи.

И конечно, што е ова тело? Рековме, веројатно станува збор за џуџеста планета. За некое тело да биде сместено во таа категорија потребно е да се исполнат следните услови: тоа мора да орбитира околу Сонцето, да не е сателит на друго тело, да го нема расчистено просторот околу себе, т.е., да не го дели со други блиски тела (на пр. астероиди) и да има доволно голема маса за да биде сферично, топчесто. Првите три критериуми се задоволени, но четвртиот е непознат. Меѓутоа се смета дека објектите со дијаметар поголем од 400 км се доволно масивни за сопствената гравитација да ги „заокружи“ што значи дека и 2014 UZ224 е веројатно топка.

За крај, да додадеме и тоа дека 2014 UZ224, освен овие ознаки, сè уште нема официјално име. Според правилникот на Меѓународната астрономска унија (која инаку е единствена задолжена за давање имиња на небеските тела) оние кои го откриле објектот имаат право да предложат име за новата џуџеста планета, а тоа право се стекнува кога орбитата на телото валидно ќе се потврди. Дотогаш сигурно ќе помине уште долго време, а кога ќе дојде тој момент, не можете да предложите име по слободен избор, бидејќи постои договор на транснептунските објекти да им се даде име по некое митолошко божество (астрономијата во некои свои детали е конзервативна). Заради тоа на овој далечен член на Сончевиот Систем му е дадено привремено име Ди-Ди (Dee Dee – Distant Dwarf).

И на самиот крај, кој ја откри Ди-Ди? Тоа е професорот по астрофизика од Универзитетот во Мичиген, Дејвид Гердез, во соработка со бројни колеги кои работеле на проектот Dark Energy Survey.

Во иднина сигурно ќе има уште новости околу Ди-Ди.

Превод: Александра Бошкова

Извор: Astronomski Magazin

Сподели.