Астрономите открија нова џуџеста планета на самиот раб од нашиот систем – 13,6 милијарди километри оддалечена од Сонцето. За споредба, Земјата од својата матична ѕвезда е оддалечена 150.000.000 километри. Оддалеченоста помеѓу Сонцето и Земјата се користи како основна единица за мерење на растојанието внатре во Сончевиот Систем и се нарекува астрономска единица (а.е. или англ. Astronomical Unit).
Споменатиот објект го откриле додипломци од Универзитетот во Мичиген, предводени од професор Дејвид Гердес (David Gerdes). Моменталното генеричко име на новооткриеното тело е 2014 UZ224 и на истото му се потребни 1100 години да направи една револуција околу Сонцето. Првите процени се дека 2014 UZ224 има дијаметар од 530 километри, што го сместува во класата на џуџести планети.
Класификацијата на некое небесно тело во категоријата на џуџести планети сè уште не е доволно утврдена, но една од дефинициите е дека небесното тело мора да има сферичен облик за да се брои во џуџеста планета. Благодарение на емпириските истражувања се знае дека небесните тела со дијаметар поголем од 400 километри се сферични бидејќи собрале доволно маса за да се обликуваат како сфера.
Во овој момент 2014 UZ224 се наоѓа на 91,6 астрономски единици далеку од Сонцето со што тоа е третото најоддалечено небеско тело од нас. Пред него се Ерида (96,2 а.е.) и V774104 (103 а.е.).
Во јули оваа година е откриена една џуџеста планета, 2015 RR245. Со изразено елиптично патување, нејзината револуција околу Сонцето изнесува 700 години. Ниту 2014 UZ224, ниту 2015 RR 245 не се официјално признаени како џуџести планети. Тоа треба да го потврди Меѓународната астрономска унија. Освен овие две, за признание чекаат и Седна, Кваоар и 2007 OR10. Доколку оцената за нивно признавање биде позитивна тие и формално ќе бидат дел од џуџестата планетарна фамилија во која влегуваат и Плутон, Церера, Ерида, Хаумеа и Макемаке.
Превод: Александра Бошкова
Извор: Znanost