Јунона прелета до Јупитер поблиску од било кое друго летало

0

Во саботата, сондата Јунона (Juno) се приближила до Јупитер на само 4200 километри. Научниците ги вклучиле камерите на сондата и сега се очекуваат првите фотографии со висока резолуција. Ниту една друга сонда досега не прелетала толку блиску покрај некоја планета во Сончевиот Систем, како Јунона. Осум мерни инструменти сега се активни и со тоа во суштина дури сега започна мисијата на сондата Јунона.

Јунона прелета до Јупитер поблиску од било кое друго летало

Уметничка визуелизација на сондата Јунона над Јупитер.

Во почетокот на јули оваа година, после петгодишно патување, Јунона влезе во орбитата околу Јупитер. Со оваа мисија НАСА сака да собере сознанија за настанокот на Сончевиот Систем. Јунона ќе ги премери различните слоеви на Јупитер за да го истражи нивниот состав. Научниците се надеваат да најдат објаснување на причините за екстремните ветрови на Јупитер и да одговори на прашањето дали Јупитер има цврсто јадро.

Освен тоа, НАСА сака да ја истражи Црвената дамка – гигантскиот вртлог кој беснее веќе илјадници години на планетата. Прелетот во саботата беше првата можност да се направат првите фотографии на мистериозните полови. Кон крајот од неделата НАСА ќе ги објави фотографиите коишто се направени при ова блиско прелетување. Научната анализа од фотографиите ќе потрае многу подолго.

До крајот на мисијата во февруари 2018 година, планирани се уште 35 блиски средби со планетата, но ниту еден од нив нема да биде на толку мало растојание, како што тоа беше случај во саботата. Пред сондата Јунона, покрај Јупитер прелетаа „Пионир 10“ во 1973 година, двете „Војаџер“ сонди во 1979 година, и германско-американската сонда „Галилео“ којашто од средината на деведесетите години собира податоци во орбитата на Јупитер. Но, толку блиску како Јунона, ниту една од наведените не ѝ се доближила на Јупитер. На сликата се гледа уметничка визуелизација на сондата Јунона над Јупитер.

Превод: Александра Бошкова

Извор: Astronomski Magazin

Сподели.