Мистериозната „мегаструктурна ѕвезда“ станува сè почудна

0
Мистериозната „мегаструктурна ѕвезда“

Едно од предложените објаснувања за однесувањето на KIC8462852 е постоење на материјал кој бил исфрлен од планетарен судир, како што е прикажано на овој уметнички приказ. Сепак, ова се чини дека не одговара со последните откритија. Заслуга: NASA/JPL/CALTECH

Минатата година астрономите забележаа нешто многу чудно во врска со ѕвезда наречена KIC 8462852. Имено, постоеја огромни, необјаснети опаѓања во нејзината осветленост.

Теоријата која што ја разигра фантазијата на јавноста, дека можеби вонземјани градат џиновска мегаструктура околу неа, е речиси сигурно погрешна, но мистеријата продолжува да се продлабочува. Последното што го дознаваме за ѕвездата е дека, покрај поголемите опаѓања во осветленоста, нејзината целокупна осветленост постојано се намалува во последните неколку години. И изгледа дека ниту една од до сега предложените теории не може да го објасни ова константно опаѓање.

Научниците го користеа вселенскиот телескоп Кеплер за набљудување на ѕвездата и забележаа дека ѕвездата станала 3% побледа во текот на последните четири години. Иако е многу неверојатно да се работи за вонземјани, кога ќе го пронајдеме објаснувањето за однесувањето на KIC 8462852, тоа најверојатно ќе разниша некое поле во астрономијата, само сè уште не знаеме кое.

Кога Кеплер за првпат ја набљудуваше KIC 8462852, ѕвездата доживеа серија од опаѓања во нејзината осветленост на начин кој досега не беше забележан кај ниту една ѕвезда од тој тип и со таа старост. Беа предложени неколку објаснувања, секое од нив неверојатно. Најпопуларно беше она дека вонземјани градат пространа конструкција околу ѕвездата, која го попречува нашиот поглед кон истата.

Следните истражувања покажаа дека оваа идеја е многу неверојатна. Сепак, она што првично беше водечка алтернатива, рој од комети, исто така има одредени проблеми, оставајќи ги сите збунети. Оваа година, некои астрономи тврдеа  дека ѕвездата станувала побледа во текот на цел век, но во мај друг тим се спротивстави дека ова било само ефект на користење на различни телескопи, а не резултат на вистински промени на ѕвездата.

Сега, нов труд кој се уште не е рецензиран, тврди дека во текот на времето кога Кеплер ја набљудувал ѕвездата, таа сепак станала побледа. За разлика од оригиналните „опаѓања“, кога KIC 8462852 изгледала побледо кратко пред да ја врати првобитната осветленост, новите тврдења зборуваат за долгорочно бледеење.

Авторите, Бен Монтет (студент на Калтек) и д-р Џошуа Сајмон, спровеле анализа на необработени податоци од 53 слики кои Кеплер ги направил помеѓу 2009 и 2013. Додатно на еднонеделното опаѓање на осветленоста што ја направи популарна мистериозната ѕвезда, и деветте пократки опаѓања, тие забележале побавно, но постојано затемнување кај оваа ѕвезда. Авторите велат дека во првите 1000 дена ѕвездата бледеела речиси линеарно со стапка од 0,341± 0,041% годишно, или вкупно 0,9%. Потоа, KIC 8462852 бледеела многу побрзо во следните 200 дена, со тоа што нејзиниот флукс (вкупна емитирана светлина) опаднал повеќе од 2%. Опаѓање од околу 3% е невозможно за ѕвезда толку слична со Сонцето.

Кеплер бил дизајниран да забележи и проучи настани во временски рамки од минути до часови, што објаснува зашто овие долгорочни трендови не биле претходно забележани.

Монтет и Сајмон анализирале 548 ѕвезди за споредба, во случај промените да се поради некоја непозната промена на сензитивноста на Кеплер. Иако 0,6% покажале опаѓање на осветленоста, слично на тоа забележано во првите 1000 дена, ниедна не дошла блиску до следственото, побрзо опаѓање.

„Она што навистина ме изненади беше колку брзо и нелинеарно беше опаѓањето,“ вели Монтет. „Поминавме долго време обидувајќи се да се убедиме дека не беше вистинско. Но, не можевме.“

Па, за сега, мистеријата за KIC 8462852 само се продлабочува.

Мистериозната „мегаструктурна ѕвезда“ станува сè почудна

Осветленоста на KIC8462852 во однос на времето. Кеплер ротира секои три месеци за заштита од Сонцето. Набљудувањата се означени со боја во однос на ориентацијата на Кеплер за да се осигура дека тоа не влијае на затемнувањето. Заслуга: Монтет и Сајмон

Превод: Биљана Велинова

Извор: IFL Science

Сподели.