„Втора месечина“ на Земјата?

0

Најсјајниот објект на ноќното небо е нашиот сателит – Месечината. Тој е често истражуван објект и предмет на восхит на аматерските астрономи, како и единственото небесно тело надвор од планетата на која човекот стапнал. Толку сме сигурни дека е единствена, што не ѝ дадовме ниту посебно име.

Многумина не знаат дека таа не е единствениот сателит на Земјата. Тоа е познато уште од 1997 година кога е откриен 3753 Cruithne, кој е наречен квази-орбитален сателит на Земјата. Toj назив значи дека движењето на Cruithne околу нашата планета не е во еклиптична орбита како движењето на Месечината или на вештачките сателити. Неговото движење е познато како орбита со облик на потковица (horseshoe орбита).

Орбитата на Cruithne

За да го разбереме овој чуден назив за орбита, да замислиме дека го гледаме Сончевиот Систем одозгора, ротирајќи со истата брзина со која Земјата ротира околу Сонцето. Од наша гледна точка Земјата е стационарна. Објектот во ваква орбита со облик на потковица се движи кон Земјата, потоа свртува и почнува да „бега“ од неа, за набрзо потоа да ѝ пристапи повторно, само од различна страна и агол, и така одново.

Орбитите со облик на потковица не се невообичаени во Сончевиот Систем – на пример, Сатурн има два сателита со вакви орбити. Она што е необично за Cruithne е начинот на кој се движи низ својата орбита. Таа наликува на прстен кој има неправилни изданоци создадени од широките занишувања на Cruithne кои се протегаат дури до Венера и Марс. Потребни му се околу 800 години за да го комплетира овој неуреден прстен околу Земјата, додека пак околу Сонцето свртува за една година.

Cruithne е околу пет километри во должина, слично како и кометата 67P/Чуриумов-Герасименко. Гравитацијата на кометата е многу мала, исто како и на  Cruithne. За истражување на Cruithne веројатно ќе треба да се соочиме со истите тешкотии како и при слетувањето на Розета на кометата.

Иако Cruithne можеме да го видиме само како неколку бледи пиксели на повеќето слики, негов евентуален судар со Земјата би бил настан кој може да доведе до истребување, слично како оној на крајот од периодот Креда. За среќа тоа со сигурност нема да се случи во скора иднина, потврдено со компјутерски симулации. Најмногу ќе се приближат дури за 2750 години. Но, затоа пак се очекува доста блиска средба со Венера за 8000 години од сега. Оваа средба може да резултира со исфрлање на нашата резервна Месечина надвор од Сончевиот Систем.

Други сателити

Приказната не завршува тука. Веќе е познато дека Земјата има и други квази-орбитални сателити.

Од Cruithne можеме многу да научиме, најпрво, како и од кометите  и астероидите, за подреденоста на планетите во минатото, понатаму за дејствата на гравитацијата на неговата чудна орбита, за причините поради кои таа се одржала толку долго и оттаму секако и присуството на вакви орбити во раниот Сончев Систем.

Еден ден Cruithne може да биде место за изведување вежби за слетување на астериоди или пак место за минирање и барање на ретки метали или изведување на најразлични научни проби и активности кои може да бидат опасни.

На крајот, можеби најважно од сè, од Cruithne може да видиме дека Сончевиот Систем не е вечен… ниту пак сме ние.

Извор: Discover

Превод: Милан Велков

Сподели.