Поради телескоп за вонземјани, Кина ќе исели 10.000 луѓе

0

Кина планира да пресели 10.000 луѓе за да направи простор за најголемиот радио телескоп на светот, кој ќе помогне во барањето вонземски живот.

Според официјалната информативна агенција Хинхуа, отворениот сферичен телескоп (ФАСТ), ќе биде најголем радио телескоп во светот. Тој ќе има дијаметар од 500 метри и ќе биде сместен во ридовите на југозападната провинција Гуизхоу, а ќе треба да почне со работа во 2016 г. Планот е до септември да се преселат 9.100 жители кои живеат во дијаметар од 5 километри од телескопот. Целта е да се создаде средина за квалитетни електромагнетни бранови.

ФАСТ чини 180 милиони американски долари, и го надминува актуелниот рекордер со своите димензии, опсерваторијата Аресибо во Пуерто Рико, каде телескопот има дијаметар од 305 метри.

Жителите поради раселувањето би требало да добијат по 1.800 американски долари, додека некои од нив ќе добијат дополнителна помош за домување.

Во минатото, Кина пресели илјадници луѓе заради големи инфраструктурни проекти, како што се брани, канали и др. Многу од нив се жалеле на лошата компензација. Областа во кој е сместен телескопот е доста сиромашна и изолирана, односно во близина нема поголеми градови.

Со постојано вложување во астрономијата, Кина ја зголемува својата вселенска програма вредна повеќе милијарди долари, а планира да воспостави постојани орбитални станици до 2020 г. и испраќање на човечки екипаж на Месечината.

Превод: Петар Ивановски

Извор: АлЏезеира

Сподели.