Секој може да добие втора шанса, па дури и расипаниот вселенски телескоп Кеплер. Овој телескоп, чија главна цел беше лов на егзопланети, во 2013 година настрада поради дефекти во стабилизирачкиот систем. Се чинеше дека со тоа дојде и крајот на неговата дотогаш успешна мисија, но благодарение на научниците потрагата по далечни планети успеа да продолжи. Оваа втора фаза се нарекува К2 и во крајот на 2014 година ни ги откри првите егзопланети. Изминатава недела беше објавено дека со негова помош се откриени уште 100 нови егзопланети.
К2 работи со одвоени кампањи, секоја долга по околу 80 денови со фокус кон одреден дел од небото. Досега се поминати 5 вакви кампањи. Кеплер има набљудувано 60.000 ѕвезди и откриено 7.000 сигнали за транзит откако беше рестартиран.
Телескопот е доволно осетлив за да може да детектира и мали затемнувања во светлината која доаѓа од ѕвездите. Откако ќе се утврди дека овие транзити се повторуваат, се смета дека станува збор за планета која орбитира околу таа ѕвезда.
Овој метод бара екстремно прецизно насочување, па така леталото имаше четири стабилизирачки реактивни тркала. Неопходни беа само три, па затоа не претставуваше огромна закана за мисијата кога едно од нив престана да фукнционира. Но, штом тоа се случи и со уште едно од тркалата, ситуацијата стана критична. За среќа, научниците успеаа да дојдат до мудро решение и ја искористија можноста фотоните, честичките светлина, да ја даваат потребната сила. Овој процес, наречен радијациски притисок, заедно со останатите два стабилизатори успеа да го одржи телескопот во позиција.
Кеплер од почетокот на неговото лансирање во 2009 година досега има откриено над 1.000 планети и се чини дека ќе биде во можност да пронаоѓа уште повеќе во текот на годините кои следуваат.
Превод: Михаела Стојанова
Извор: IFL Science