SETI известува: Не се детектирани вонземски ласерски пулсови од KIC 8462852

0
Не се детектирани екстратерестријални ласерски пулсови од KIC 8462852, известува SETI

Заслуги: Danielle Futselaar / SETI International

Се сеќавате ли на KIC 8462852, абнормалната ѕвезда која ги збуни астрономите со нејзиното непредвидливо затемнување, предизвикувајќи дел од нив да спекулираат дека постои масивна структура во нејзината орбита изградена од вонземска цивилизација? За да ја оценат оваа можност, научниците бараа кратки ласерски пулсирања од далечната ѕвезда, но не пронајдоа ништо такво, според извештајот.

Експериментот беше координиран од SETI, нова истражувачка и едукативна организација посветена на иновативни приоди на астробиологија и потрага по вонземска интелигенција, вклучувајќи намерно испраќање сигнали до други ѕвезди, со цел предизвикување на одговор.

За време на 6 ноќи, помеѓу 29 октомври и 28 ноември, 2015, научниците барале пулсови со должина од милијардити дел од секунда, користејќи телескоп од типот Њутнов рефлектор од 0.5 m. Релативно малиот телескоп користи уникатен метод на детекција со тоа што има зголемена осетливост за пулсирачки сигнали. Ако хипотетички вонземјани испратиле намерни ласерски пулсови во видливиот спектар до Земјата, опсерваторијата може да ги забележи се додека тие ја надминуваат минималната граница на детекција на опсервацијата.

KIC 8462852 ги збуни астрономите, бидејќи покажуваше неправилни затемнувања, какви што не биле забележани од ниедна ѕвезда до сега. Аномалната крива на светлина беше измерена од телескопот Кеплер на НАСА, како дел од потрагата по егзопланети. Како и да е, иако дури и планета со големина на Јупитер би предизвикала затемнување од приближно 1%, затемнувањето забележано кај KIC 8462852 беше далеку поголемо, 22%. Исто толку чудно беше и тоа што затемнувањето не следеше правилна шема на планета која орбитира околу ѕвезда, туку беше непредвидливо. Најдоброто објаснување досега е дека затемнувањето е предизвикано од делчиња од комети во високо елиптична орбита околу KIC 8462852, кои ја пресекувале светлината од ѕвездата во исто време кога неа ја набљудуваше мисијата Кеплер.

„Со оглед на огромната далечина до KIC 8462852, приближно 1500 светлински години, било каков сигнал примен на Земјата денес би ја напуштил планетата брзо по распадот на Римската Империја,“ вели Марлин Шуц, директорот на оптичката опсерваторија на SETI користена во потрагата по ласерски пулсови. „Потребен ни е начин кој е доволно осетлив за да забележиме било какви ласерски пулсови што патувале толку далеку,“ додава тој.

За одговор на предизвикот, опсерваторијата користи иновативен пристап за забележување на кратки ласерски пулсови. Повеќето други оптички експерименти на SETI бараат проток од пулсови кој е потоа разделен, со тоа што индивидуални пулсови се канализирани до два или повеќе уреди наречени фотометри, што се дизајнирани да детектираат индивидуални пулсови. Настаните забележани од повеќе фотометри потоа се споредуваат со цел да се идентификуваат вистински светлински пулсови од небото. Со цел да се намалат загуби на сигналот предизвикани од разделување на зракот, опсерваторијата користи единствен фотометар кој прима полн проток од пулсови. Во втората фаза, излезот од единствениот фотометар е анализиран со цел пронаоѓање на пулсови кои се повторуваат правилно и периодично – непогрешлив знак на вештачка интелигенција.

Како прв тест направен од оптичката опсерваторија на SETI во Панама, за време на три ноќи, KIC 8462852 беше симултано скенирана за теснопојасни радио сигнали со помош на Allen Telescope Array во северна Каролина. Исто како и со оптичките набљудувања, не беа детектирани никакви сигнали.

Извор: Phys

Превод: Биљана Велинова

Сподели.