Ако сте помислиле дека Енцелад, месечината на Сатурн, не може да стане почудна – со неговите гејзери, пукнатини и глобален подземен солен океан – размислете повторно. Нови фотографии од северниот регион на месечината, кои тукушто пристигнаа од леталото Касини, покажуваат изненадувачк особини – измачена површина каде што кратерите изгледаат како да се топат и скршеници кои сечат преку теренот.
Додека мисијата Касини била во системот на Сатурн од 2004 година и неколку пати поминала покрај овој сателит, ова е првиот близок преглед на северниот поларен регион на Енцелад. Леталото ја помина површината на Енцелад на 1839 километри на 14 октомври 2015.
Причината поради која Касини не можел да го види северниот терен на Енцелад пред тоа е бидејќи бил сокриен од темнината на зимата. Сега е лето на северните географски широчини и научниците едвај чекаат да го видат овој досега невиден предел. Судејќо според реакциите на научниците по социјалните медиуми, Касини тимот е возбуден и збунет од овие фотографии во иста мера колку што сме и ние.
За научниците, количината на активност на Енцелад е големо изненадување. Тие сè уште се обидуваат ја откријат неговата историја и начинот на кој настанал.
Фотографиите се сè уште нови и се преработуваат. Ентузијастите веќе ги преработуваат во композитни слики и слики во боја.
Лидерот за фотографија на тимот Касини, Каролин Порко, во порака објасни дека камерите биле вклучени поголемиот дел од времето при средбата, дозволувајќи добро набљудување.
Иако овие слики се супер, подгответе се за повеќе. Уште поблизок прелет е закажан за среда, 28 октомври, кога Касини ќе прелета само 49 километри над јужниот поларен регион. НАСА вели дека Касини ќе се доближи најмногу до столбовите од вода и смрзнати честички (гејзерите). Тоа ќе даде важна информација за хидротермалната активност во подземниот океан и како влијае на тоа колку таму може да има живот.
Потоа, при друг прелет, последниот закажан близок прелет на Касини на Енцелад, на 19 декември, Касини ќе проверува колку топлина доаѓа од внатрешноста на месечината од висина од 5000 километри.
Мисијата Касини трае веќе 18 години.
Превод: Јован Милосковски
Извор: Universe Today