Астрономите за прв пат директно забележаа карпеста планета која дезинтегрира во орбита околу бело џуџе. Откритието исто така потврдува долгогодишна теорија за изворот на „загадување“ на бели џуџиња од метали.
Доказите за овој уникатен систем доаѓаат од Кеплер К2 мисијата на НАСА, која набљудува ѕвезди барајќи опаѓање во светлината што настанува при транзит на тело што орбитира околу ѕвездата. Податоците откриваат опаѓање на секои 4,5 часа, што значи дека објектот во орбита се наоѓа на оддалеченост од околу 520000 милји од белото џуџе (двојно повеќе од оддалеченоста на Земјата од Месечината).
Покрај истакнатиот главен транзит, кој ја затемнува ѕвездата за 40%, детектирани биле и послаби сигнали, сите со периоди од 4,5 до 5 часа. Тимот научници смета дека станува збор за најмалку 6 мали планетарни објекти со вкупна маса споредлива со масата на Церера, џуџеста планета која е најголемиот објект во главниот астероиден појас во нашиот сончев систем. Ѕвездата е оддалечена околу 570 светлински години од Земјата и е лоцирана во соѕвездието Девица.
Ѕвездите налик нашето Сонце, преминуваат во фаза на бело џуџе на крајот од својот животен циклус, кога ќе го потрошат нуклеарното гориво. Јадрото, со големина на Земја, што останува откако ѕвездата ќе ги отстрани надворешните слоеви во фазата на црвен џин, главно е составено од јаглерод и кислород со тенка обвивка од водород или хелиум. Нашиот стандарден модел за бели џуџиња предвидува дека истите не содржат потешки елементи од хелиум во нивната атмосфера, но астрономите пронаоѓаат бели џуџиња што покажуваат знаци на потешки елементи како силициум и железо во нивниот спектар. Ова е мистерија со оглед на тоа што силната гравитација на белото џуџе би предизвикала брзо потонување на потешките елементи во центарот, оставајќи само водород и хелиум во атмосферата.
Теоретичарите шпекулираат дека белите џуџиња кои покажуваат знаци на тешки метали се „загадени“ преку конзумирање на карпести планети или астероиди. Дел од загадените бели џуџиња покажуваат знаци на диск од остатоци околу ѕвездата, но потеклото на ваквите дискови бил неизвесен. Неодамна откриениот систем ги пројавува сите три: загадено бело џуџе, диск од остатоци околу него, и барем еден компактен карпест објект.
Остануваат прашањата за потеклото на овие карпести објекти. Најверојатното сценарио е дека орбитата на постоечка планета станала нестабилна и била повлечена навнатре. Она што е сигурно е дека преостанатите објекти нема да траат вечно. Тие испаруваат под дејство на интензивната топлина од белото џуџе. Објектите исто така орбитираат многу блиску до Рошеовиот радиус, растојанието на кое карпестото тело ќе се распадне под дејство на плимната сила која потекнува од белото џуџе. Во рамките на наредните милион години, она што ќе остане од овие астероидални парчиња е тенок слој од метална прашина над навидум невиното бело џуџе.
Превод: Биљана Велинова
Извор: Phys.org