15-от јубилеен Месиеров маратон по втор пат се одржа во Андревље. Вообичаено, Месиеровиот маратон во Србија се одржува на Летенка, но оваа година организаторите добиле средства од покраинското Министерство за наука и сите присутни имавме исклучително добри услови за сместување.
Покрај од Македонија, на настанот беа присутни и учесници од Босна и Херцеговина, Словенија и Унгарија. Скопското астрономско друштво беше претставено од три члена: Дане Ангов, Горан Петров и Радан Митровиќ.
За жал времето не ни беше наклонето, па затоа првата вечер наместо набљудување и фотографирање на објекти на ноќното небо, имавме сосема поинакви активности. Беа одржани неколку предавања. Во слободно време присутните се релаксираа со разни активности, како што се билијард, пинг понг или шетање по прекрасната природа околу хотелот.
Имаше и пригодна изложба на астрофотографија, а беше претставен и Словечкиот национален инструмент фујара на која Јанко Мравик ни отсвири и неколку нумери.
Последната вечер не наговестуваше дека воопшто ќе се разведри, но некаде после полноќ почна да се расчистуваат облаците и добивме минимални услови за натпреварот во пронаоѓање на Месиерови објекти. Беа пријавени 15-на екипи и натпреварот почна нешто по 1 часот по полноќ. Покрај облаците, голема пречка во пронаоѓањето на објекти беа и околните дрвја и шума, при што максимум објекти кои што можеа да се пронајдат падна под 80.
Со Дане Ангов добро го започнавме натпреварот, но поради брзината на движење на облаците, како и неколку наши пропусти, пропуштивме неколку објекти, а неколку ни зајдоа. Па така, десетина објекти кои всушност можевме да ги најдеме, беа изгубени. На крајот, излезе дека тие не ни биле потребни и победивме со 69 пронајдени објекти. Втор беше Марко Савиќ со 54 објекти, а трети беа таткото и синот со екипно име Дебели Сремци (или попознати како семејство Кочиќ) со 53 објекти.
По натпреварот отидовме на кратко спиење затоа што моравме рано да станеме за церемонија на прогласување на победници, а и полека да се подготвиме за патот кој нè чекаше. Пехарите ни ги врачи покраинскиот министер за наука.
За жал, времето не беше поволно да се направи некоја добра астрофотографија, но Горан Петров сепак успеа да направи еден убав „стар траил“ со детаљ од натпреварот како и „тајм-лепс“ од истиот.
Сè на сè, успешно претставување на нашето друштво на овој меѓународен настан.
Текст: Радан Митровиќ