Активности на САД

Скопското астрономско друштво има редовни состаноци секој понеделник од 20:00 часот во просториите на Електротехничкиот и Машинскиот факултет во Скопје. Друштвото редовно организира курсеви по астрономија, циклус предавања од областа на астрономијата, астрономски кампови, теренски набљудувања за членовите на Друштвото, отворени набљудувања за јавноста, а остварува и активна соработка со медуимите преку константно информирање за вселенските феномени и случувања, како и за активностите на Друштвото.

Организиравме и неколку изложби на астрофотографија, каде беа изложени слики кои нашето Друштво ги има направено во претходниот период. Заедно со нив беа изложени и слики од нашите пријатели од регионов.

Курсеви по астрономија

 

Секоја година во пролет организираме Воведен курс по астрономија, на кој се учат теоретските и практичните  основи на астрономијата. Курсот ја следи стандардната програма за основна едукација во астрономијата и ги обработува следниве теми:

– Сонце;

– Сончев Систем;

– Еволуција на ѕвезди;

– Координатни системи;

– Соѕведија;

– Основни поими и закони во астрономија;

– Телескопи и астрономски софтвери;

– Галаксии;

– Космологија.

Се посетува и Планетариумот во Младинскиот културен центар, кој нуди уникатна можност за визуелно обработување на теми како соѕвездија и координатни системи. Како дел од Во рамки на курсот е предвидено и теренско набљудување надвор од градот, каде малото светлинско загадување и телескопите овозможуваат вистинско доживување при набљудувањето на темното ноќно небо. Доколку сакат, на крајот од курсот посетителите можат да полагаат и тест, со чие положување се стекнуваат со диплома за положен основен курс по астрономија.

Предавања од областа на астрономијата

 

Покрај овие курсеви, Скопското астрономско друштво одржува и циклуси на предавања од разни области во астрономијата. Тие имаат за цел да објаснат тековен небесен феномен, откритие во сродните науки или достигнување во космонаутиката или вселенските истражувања. Со нив сакаме и да поттикнеме граѓаните да размислуваат критички на работите со кои се среќаваат во секојдневието, преку личното искуство или следејќи ги медиумите – поточно, да поттикнеме критичка свест кај граѓаните.

Одржуваме и предавања на покана на основните и средните училиштата кои сакаат да ја збогатат својата програма, најчесто по предметите физика или географија.

Теренски набљудувања

 

Редовно се организираат и теренски набљудувања за членовите на Скопското астрономско друштво, без разлика дали поводот е следење на определена астрономска појава, астрофотографирање или едноставно дружење помеѓу членовите. Друштвото ги проследи сите астрономски феномени кои се имаат случено во текот на своето постоењето, како на пример затемнувањата на Месечината и Сонцето, метеорски роеви, комети, опозиции, конјункции итн. Од сите овие настани направени се мноштво астрофотографии, кои можат да се видат во галерија на сајтот, како и на нашите изложби.

На терен, најважна активност е набљудување на разни небесни објекти, како и оспособување на членовите за користење на телескопите со разни техники на пронаоѓање на објектите. Имаме неколку добри набљудувачи во Друштвото, кои постигнуваат одлични резултати на разни натпревари во странство.

Друштвото има остварено контакти со IMO (International Meteor Organisation – Меѓународна метеорска организација), каде неколку членови се веќе регистрирани и редовно праќаат извештаи од набљудуваните метеорски роеви. Редовно следиме повеќе метеорски роеви, а особено внимание им посветуваме на Леонидите и Персеидите. За овие два роја пратени се детални извештаи за секоја година, почнувајќи од 2002-та.

Астрономски кампови

 

Секое лето, околу средината на август, Друштвото организира неколкудневен астрокамп, кој најчесто е на различни локации низ Македонија и е многу популарен меѓу членовите. Сепак, секоја година имаме и гости, од кои многумина потоа станале членови. Покрај астрономската компонента на овие кампови, која воглавно се одвива во ноќните часови, во текот на денот се оди на екскурзии во околината.

На овие астрокампови се учат и се применуваат разни техники на набљудување и на фотографирање. Тие се најдобар начин да се научи како се работи со астрономската опрема, а мора да се споменат и разговорите на разни теми, кои се основа на дружбата во текот на ноќта, но од кои исто така може и многу да се научи.

Покрај нашиот камп, членовите на Друштвото секоја година посетуваат и други астрономски кампови во регионот, од кои се издвојуваат кампот Летенка на Фрушка гора (крај Нови Сад), Голија Star Party крај Нови Пазар, и Јапетиќ и Петрова Гора во Хрватска.

Набљудувања за јавноста (sidewalk astronomy)

 

Скопското астрономско друштво досега има организирано повеќе отворени набљудувања за јавноста. Граѓаните на Скопје, преку телескопите обезбедени од Друштвото, имаат прилика да набљудуваат:

– затемнувања на Сонцето и Месечината;

– планети видливи со телескоп, особено кога се во погодна позиција на небото;

– транзити на планетите Меркур и Венера преку дискот на Сонцето;

– Сонцето и структурите на неговиот површински слој (со посебен телескоп наменет за таа цел)

Активности на САД

Прскачко шоу и соѕвездието Орион во горниот десен агол и најсветлата ѕвезда на небото Сигиус. Авторски права: Александар Алексов, САД

Издавачка активност

 

Скопското астрономско друштво досега има издадено три броја од списанието „Вселена“, кое во текот на 2001-та излегуваше како подлисток на дневниот весник „Вест“. Целокупната обработка на списанието беше остварена од членовите на Друштвото.

Скопското астрономско друштво имаше и свое интерно списание – ИнфоСАД, кое досега има излезено во 12 примероци. Во 2002 год. списанието го промени своето име и продолжи да егзистира како „Мерак“. Под ова име се остварени 3 броја на списанието.

Моментално сите сили на Друштвото се насочени кон неговата официјална веб-страна astronomija.mk, која има информативна и едукативна улога, со тоа преземајќи ја улогата на интерно списание. Таа, исто така, е и место за контакт на астрономите од овие краишта, истовремено функционирајќи како своевидна астроучилница и веб-портал, на кој секојдневно се објавуваат најновите вести од областа на астрономијата (се разбира, на македонски јазик).