Засега има 5 признаени џуџести планети во нашиот Сончев систем, а Плутон е најпопуларната од нив. Научниците водат дискусии за постоењето на неодреден број на џуџести планети кои се наоѓаат зад Плутон.
Според најновите истражувања има две вакви планети кои чекаат да бидат откриени бидејќи со нивното постоење би се објасниле орбитите на транс-нептунските објекти, малечки планети лоцирани зад Нептун. Теоретски, овие објекти би требало да имаат големи полуоски од околу 145 астрономски единици. Но, со испитување на примерок од 12 објекти се открило дека поради наклонот на нивните орбити, полуоските варираат дури до 525 астрономски единици. Ова може да се објасни со гравитациското влијание од двете предложени џуџести планети.
Опсервациите не се совпаѓаат со досегашните теории за формација на планетите во нашиот Сончев систем. Иако, научниците нашле примери кои ја поддржуваат оваа теорија во друг планетарен систем. Имено, дискот околу ѕвездата ХЛ Таури (HL Tauri) се протега околу 100 астрономски единици. Ова значи дека планетите може да се формираат многу подалеку одошто се веруваше досега.
Сепак, научниците користеле мал примерок на транс-нептунски објекти, па затоа резултатите од ова истражување може и да не се релевантни. Потребни се дополнителни анализи за да се потврди присуството на неоткриени џуџести планети.
Превод: Михаела Стојанова
Извор: IFLS