Ново истражување од тим европски физичари може да објасни зошто Универзумот не колабирал непосредно по Големиот прскот. Истражувања на Хигсовата честичка, откриена во ЦЕРН (CERN) во 2012 година и одговорна за давање маса на сите честички, укажуваат дека создавањето на Хигсови честички за време на забрзувачкото ширење на многу раниот Универзум (инфлација) би требало да доведе до негова нестабилност и колапс.
Научниците долго се обидуваа да разберат зошто ова не се случило, теоретизирајќи за нови физики кои ќе помогнат во објаснувањето на сè уште неоткриеното потекло на Универзумот. Сега, тим истражувачи дава многу поедноставно објаснување – тие опишуваат како закривувањето на време-просторот, односно гравитацијата, ја обезбедила потребната стабилност за Универзумот да ја преживее експанзијата во раниот период. Тимот ја истражил интеракцијата помеѓу Хигсовите честички и гравитацијата, земајќи ги предвид варијациите на енергијата.
Тимот покажува дека дури и мала интеракција би била доволна за да го стабилизира Универзумот и да го спречи неговото распаѓање. Стандардниот модел на физиката на елементарните честички досега не понудила одговор на прашањето за тоа зошто Универзумот не колабирал по Големиот прскот, но новото истражување се занимава со последниот непознат параметар на Стандардниот модел – интеракцијата помеѓу Хигсовата честичка и гравитацијата. Овој параметар е невозможно да се измери преку експеримент со забрзување на честички, но има голем ефект врз Хигсовата нестабилност за време на инфлацијата. Според истражувачите, дури и релативно мала вредност е доволна за да го објасни преживувањето на Универзумот, без употреба на нова физика.
Планот на тимот е да продолжи со истражувањето употребувајќи космолошки набљудувања, за подетално да ја разгледа оваа интеракција и да објасни каков ефект би имала врз развојот на раниот Универзум. Тие особено ќе се осврнат на податоците добиени од сегашните и идните мисии на Европската вселенска агенција (European Space Agency – ESA) поврзани со мерење на радијацијата од космичкиот микробранов фон и гравитациските бранови. Нивната цел е да ја измерат интеракцијата помеѓу гравитацијата и Хигсовото поле, со помош на космолошките податоци. Доколку ова биде успешно, Стандардниот модел на физиката на елементарните честички ќе биде надополнет со последната непозната бројка, носејќи нè чекор поблиску до одговор на фундаменталните прашања за тоа зошто сме тука.
Превод: Марина Димовска
Извор: Phys.org