Две планети со големина на Земјата кои орбитираат една околу друга

0
Две планети со големина на Земјата кои орбитираат една околу друга

Уметнички приказ на кој е претставен непосреден планетарен судир околу еден пар на двојни ѕвезди. Заслуга: NASA/JPL Caltech

Две планети со големина на Земјата кои орбитираат една околу друга може да постојат околу далечните ѕвезди, велат истражувачите.

Сончевиот систем има многу примери на месечини кои орбитираат околу планетите. Јупитер и Сатурн располагаат со повеќе од 60 сателити. Сепак, овие месечини обично се многу помали од нивните планети. Земјата е речиси четири пати поголема од нејзината Месечина и повеќе од 80 пати од нејзината маса.

Сепак, некои месечини се големи како планети. На пример, Ганимед, најголемата месечина на Јупитер, е поголем од Меркур, а три четвртини од дијаметарот на Марс. Исто така, месечините на моменти се големи колку и нивните светови. Најголемиот сателит на Плутон, Харон, е околу половина од дијаметарот на самата џуџеста планета. Ова повлекува интригантна можност при која возможно е планетите со еднаква големина да орбитираат една околу друга.

Бинарни ѕвезди или две ѕвезди кои орбитираат околу себе, се многу честа појава низ Млечниот пат. За некои од овие двоѕвездени системи е дури и познато дека се домаќини на егзопланети – светови со две Сонца, како Татоин, домашната планета на Лук Скајвокер од „Војна на ѕвездите“. Бинарни астероиди постојат и во нашиот Сончев систем. Сепак, бинарни или светови кои вклучуваат двојни планети со големина на Земјата, во моментов се само научна фантастика.

Еден од можните начини на кој бинарните планети може да се формираат е кога два света што орбитираат околу ѕвезда се доволно блиску еден до друг за да си влијаат гравитациски. За да се види дали овие системи се можни, истражувачите симулираа две карпести планети со големина на Земјата стремејќи се една кон друга. Тие го моделираа секој свет како да е составен од 10.000 честички и ја менуваа брзината на планетите и аглите на нивнито доближување. Научниците успеаа да ги поедностават нивните модели, така што секоја симулација зеде малку време, како еден ден, наместо една недела, како што беше на почетокот на нивната работа.

Научниците направија околу дваесетина симулации. Сепак, овие симулации често резултираа во судир на планетите, при што обично се спојуваа креирајќи една голема планетата, понекогаш оставајќи зад себе диск од остатоци од кои би можела да се формира месечина. Исто така, во некои симулации, планетите се судираа со толку голема брзина, што даваше резултат „удри и бегај“, интеракции при кои световите се разидуваа еден од друг.

Сепак, околу една третина од симулациите резултираа со формирање на бинарни планети. Ова вклучуваше релативно бавни, благи судири.

„Претходно, единствените очекувани резултати на ударите кај големите тела од овој вид беа разидување или припојување, што значи, или двете тела ќе се разделат или ќе се спојат во едно тело, каде би се појавил и диск од остатоци“, изјави за Space.com ко-авторот на студијата, Киган Рајан, додипломски студент на Калифорнискиот институт за технологија во Пасадена. „Нашите откритија укажуваат на можноста за уште еден исход, бинарни планети. Телата остануваат главно непроменети, но завршуваат во взаемна врзана орбита, едно околу друго.“

Овие бинарни планети би се наѕирале исклучително близу една до друга, меѓусебно оддалечени на околу половина од дијаметарот на секоја од нив. Со текот на времето, брзината со која двете планети ротираат ќе се задржи на даден моментум, така што секој од световите ќе го гледа само едното лице на својот партнер.

Таквите бинарни системи може да опстојуваат со милијарди години, велат истражувачите, под услов тие да се формирале на оддалеченост од најмалку половина астрономска единица или повеќе од нивните матични ѕвезди, доволно далеку за ѕвезденото гравитациско влијание да не го наруши тоа на бинарниот планетрен систем. Една астрономска единица, или а.е. (Astronomical Unit – AU) е просечно растојание помеѓу Сонцето и Земјата, околу 93 милиони милји или околу 150 милиони километри.

Целта на истражувачкиот тим од тука „е да се направат повеќе симулации, да се зголемат параметрите на симулациите и да се работи за да се добие подобра слика за веројатноста дека бинарен планетарен систем може да се создаде“, вели Рајан.

Рајан и неговите колеги Мики Накаџима и Дејвид Стивенсон дадоа детален извештај за нивните откритија на 11 ноември во Американското астрономско друштво во Одделот за планетарни науки на состанокот во Тусон, Аризона.

Превод: Боро Костевски

Извор: Yahoo News

Сподели.