НАСА истражува технолгии за хибернација во длабоката Вселена

0
НАСА истражува технолгии за хибернација во длабоката Вселена

Заслуга: Студио 20th Century Fox

Испраќањето мисии во длабоката Вселена претстави бројни предизвици. Во прилог на потребното количество храна, вода и воздух за одржување на екипажот во живот со месеци (или години), тука е и прашањето за зачувување на нивниот интегритет и социјални потреби за време на долгото патување. Вежбањето сигурно е опција, но потребната опрема ќе зафаќа простор и ќе биде дополнителен потрошувач на енергија.

Покрај тоа, ќе им треба простор да се движат наоколу, место за спиење, јадење, работа и релаксација во слободното време. Во спротивно, тие ќе бидат изложени на ризик од подлегнување на чувствата на страв од затворен простор, вознемиреност, несоница и депресија, меѓу останатото.

НАСА разгледуваше неколку опции и едно од предложените решенија е да се стави екипажот во предизвикана состојба на хипотермија која би резултирала со крајно намалување на телесните функции – еден вид на хибернација. Наместо да бидат будни неколку месеци или пак години, астронаутите ќе можат да влезат во состојба на длабок сон на почетокот на нивната мисија, а потоа би се разбудиле при нејзиниот крај. На овој начин, тие ќе пристигнат свежи и подготвени да работат, наместо да бидат ослабени, а можеби и со психички нарушувања.

Ако ова почнува да ви звучи познато, тоа е веројатно затоа што концептот е често претставуван од страна на научната фантастика. И покрај тоа што е различно именуван (cryosleep, reefersleep, cryostasis итн.), поимот користен од страна на вселенските истражувачи за зачувување на нивните тела преку употреба на криогена суспензија е користен од различни научно фантастични автори, филмови и франшизи.

Но, планот на НАСА е малку поразличен од она на кое можеби го помните од „2001: Одисеја во вселената (2001: Space Odyssey)“ или „Вонземјани (Aliens)“. Наместо астронаутите да бидат сместени во цилиндри во кои би им се намалила телесната температура до потребното ниво, состојбата би се предизвикала преку тн. RhinoChill, уред кој користи инвазивни цевки за да ја вбризга течноста за ладење во носот и во основата на мозокот.

Уметнички концепт на „спиење до Марс“. Заслуга: SpaceWorks Enterprising

За истражување на технологијата, НАСА се здружи со SpaceWorks, вселенска компанија со седиште во Атланта, која истражува методи за ставање на вселенските екипажи во хибернација. Претставниците на SpaceWorks ја споделија нивната визија за време на овогодинешниот Меѓународен Астрономски Конгрес кој се одржа од 29 Септември до 3 Октомври во Торонто.

Според компанијата, состојбата на индуцирана физичка и ментална неактивност ќе ги елиминира потребите за сместување, како што се големите галерии, опремата за вежбање и големиот дневен престој. Наместо тоа, роботи можат да прават електрични стимулации на клучните мускулни групи и интравенска достава на храна за да се осигура здравјето и благосостојбата на астронаутите додека се на вселенското патување.

Д-р Бредфорд, претседател на SpaceWorks Enterprises Inc., за Universe Today преку е-маил изјави:

„Ние ја комплетиравме првичната евалуација на нашиот концепт кој покажа значителни придобивки во споредба со не-хибернетските мисии на Марс и ги образложивме медицинските придобивки од хибернацијата. Исто така, го проширивме нашиот тим и составивме план за развој кој е во процес на реализација. И покрај тоа што наша долгорочна цел е овозможување безбедно пристигнување до Марс, имаме голем број на краткорочни проекти за комерцијални апликации на оваа технологија, кои би се развивале по пат.“

Во прилог на намалување на потребата за простор и потрошен материјал, одржувањето на екипажот во хибернација, исто така, ќе заштеди и на еден многу битен фактор: трошоците. Со екипаж во хибернација, леталата можат да бидат помали или да имаат повеќе простор за да се подобрат безбедносните карактеристики, како што се штитовите кои го спречуваат зрачењето. Во исто време, помали, полесни летала би значеле помалку потрошен материјал за конструкција, а и трошоците за гориво би биле пониски.

Според првичните модели направени од SpaceWorks, големините на живеалиштата на екипажот за мисија на Марс можат да се намалат од предложените димензии од 8,2 × 9 метри на само 4,3 × 7,5. Исто така, сегашните проекции укажуваат на тоа дека готовото живеалиште за четворочлен екипаж на Марс ќе има тежина од околу 31 тон, но компанијата тврди дека живеалиштето базирано на хибернација ќе тежи само 15.

Уметнички концепт на живеалиште спремно за Марс. Заслуга: SpaceWorks Enterprises

Се разбира, SpaceWorks исто така ги нагласи и психолошките придобивки. Наместо да биде буден за целото 180-дневно патување, екипажот ќе биде во можност да оди да се наспие и да се разбуди по пристигнувањето. Ова ќе гарантира дека никој нема да потклекне на “просторното лудило” во текот на неколкумесечното патување и да направи нешто страшно – како одземање на сопствениот или животот на целиот екипаж!

Се разбира, има уште многу развој и истражувања што треба да се направат пред хибернацискиот систем да се смета за реална опција при патувањето во Вселената. RhinoChill досега се користи само во терапевтски сценарија овде, на Земјата. Следниот чекор ќе биде да се тестира во орбитата.

За среќа, потенцијалните заштеди на време за патување до Марс или некаде во надворешниот Сончев систем може да бидат само поттик да се реализира еден ваков проект, без оглед на тоа дека изгледа некоја форма на предизвикана хибернација ќе биде потребна ако некогаш човештвото планира да ја истражува длабоката Вселена.

„Ние сме во зората на една нова ера во Вселената и мојата компанија е возбудена што работи во првите редови“, изјави Брадфорд. „Верувам дека нашата технологија ќе биде потребна за поддршка на човековите мисии на Марс. Таа нуди прифатливи решенија проширувајќи ги тековните медицински истражувања за да ги задоволи предизвиците на напредното инженерство, човековото здравје и психологија, за кои моментално немаме алтернативни решенија. Ова може да биде подготвено за првата мисија на Марс и преговараме со партнерите тоа да се случи.“

Превод: Боро Костевски

Извор: Universe Today

Сподели.