Научниците направија досега најдетална мапа на егзопланта голема колку Јупитер, со маса два пати поголема и температури доволно високи за да се стопи челик. Сето ова беше постигнато со помош на податоците од телескопот Хабл. Планетата, наречена WASP-43b е екстремно сурово место каде ветриштата виат со неверојатни брзини и температурните разлики помеѓу денот и ноќта се движат и над 1000 °C. Станува збор за гасовита планета составена претежно од жежок водород. Студијата беше објавена на 9 октомври во списанието Science Express.
Видео: Ротацијата на WASP-43b. Левите и десни панели го прикажуваат емисиониот спектар и температурната структура на планетата, како функција од орбиталната фаза. Извор: : K. B. Stevenson (UChicago)
Друг екстремен аспект за оваа планета е краткото време кое и е потребно да направи една орбита околу својата ѕвезда. Станува збор за 19 часа, што звучи мошне експресно во споредба со Земјините 365 денови. Понатаму, оваа планета поминува навистина блиску до ѕвездата и секогаш ја прикажува истата хемисфера (слично како случајот со нашата Месечина и нејзината „мистериозна страна”).
Било откриено и изобилство на вода во атмосферата на оваа планета, што инаку е еден од главните фактори при формирањето на планетите. При истражувањето биле споени заедно за првпат двата веќе добро познати методи – спектроскопија, со што се открила водата и температурните структури во атмосферата и опсервација на ротацијата на планетата со која исто така се измерило присуството на вода и температурните разлики на различни висини.
Бидејќи во нашиот систем немаме планета со вакви услови, проучувањето на оваа далечна планета е одлична можност за подобро разбирање и објаснување на теориите за создавање планети.
Превод: Михаела Стојанова
Извор: Phys.org