Познато е дека на почетокот Сончевиот систем бил место со екстремни услови, каде постојано се распрскувале и судирале огромни карпи, од кои подоцна почнале да се создаваат и планетите. Според новите истражувања, на Земјата во првите 500 милиони години од нејзиното создавање удирале огромни астероиди кои постојано ја видоизменувале нејзината површина и тие се должни за денешната форма на нашата планета.
Нашиот систем започнал да се оформува пред околу 4.5 милијарди години, а кратко по формирањето на нашата планета се случил судир со тело со големина на Марс. Поради огромните размери на овој удар, наоколу се распрскало големо количество на карпи и од дел од нив се создала Месечината. Подоцна, Земјата била нападната од екстремно големи астероди, кои воедно биле неспоредливо поголеми од оној кој ги истребил диносаурусите.
Хадскиот геолошки период ги опфаќа настаните кои претходат на периодот пред 4 милијарди години. Ударите со астероди при крајот на овој период не додале многу маса на нашата планета, но затоа стопиле и закопале многу од карпестите примероци. Понатаму, топлината од ударите ги зоврела океаните, со што се создала многу задушлива атмосфера со огромна влажност. Ова се поклопува со други претходни студии, според кои водата на Земјата постоела уште од пред 4.3 милијарди години.
Во истражувањето се вели дека Земјата настрадала од удари од околу четири огромни астероиди со повеќе од 950 километри широчина и 3-7 астероиди широки нешто под 500 километри. Како за споредба, астероидот кој удрил пред 65 милиони години бил околу 9.5 километри широк. Се верува дека животот на Земјата започнал да се развива во првите милијарда години, па така овие удари имале огромно влијание во процесот. Доколку навистина било каков вид на жив организам успеал да ја преживее оваа ера, тој би морал да биде многу отпорен на врели температури и најверојатно успеал да опстане длабоко под океанските површини. Откако нападите на астероиди прекинале, условите на Земјата почнале да се стабилизираат.
Превод: Михаела Стојанова
Извор: IFLS