Голем дел од значајните новости во физиката изминативе недели потекнаа од астрофизичарите, со акцент на Михаил Медведев, кој пронајде нов модел за темната материја, укажувајќи на нов тип елементарна честичка која не се вклопува во стандардниот модел. Тој новиот модел го нарекува „измешана мултикомпонентна темна материја“. Друг тим вселенски научници откри нови знаци за утврдување на Сончевиот циклус – мали свели точки кои би можеле подобро да ги препознаат промените на Сонцето кои се случуваат отприлика на секои 11 години. Научниците открија и дека галаксијата Млечен пат е дел од огромно суперјато галаксии познато како Ланиакеа (Laniakea), име кое на хавајски значи „неизмерен рај“.
Роверот Кјуриосити (Curiosity) на Марс успеа да фотографира Марсовски облаци и успешно да ги тестира најкомплексните ракетни делови создадени до сега, изработени преку адитивно 3D принтање. Поврзано со вестите од технологијата, истражувачите во Вирџинија развиле енергетски независен тип на меморија кој ја подобрува енергетската ефикасност за два реда големина, додека други две истражувачки групи го создале првиот флексибилен екран базиран на графен, кој иако сè уште е прототип ни нуди поглед во тоа што веројатно наскоро ќе биде во рацете на купувачите.
Понатаму, во неповрзани вести, тим кој работи во Гибралтар изјави дека цртежите во пештерите биле изработени од Неандерталци, што би бил првиот познат пример за Неандерталска пештерска уметност. Истражувачите од Универзитетот во Манчестер, пак, објавуваат дека дијабетес тип 2 всушност можеби и не е „дијабетес“ каков што го познаваме и дека овие два типа болести треба да се дијагностицираат и лекуваат на различен начин.
Конечно, во вести кои се наоѓаат на границата помеѓу реалноста и научната фантастика, тим истражувачи демонстрираше комуникација кај човечки субјекти од мозок на мозок. Опремени со инструменти за читање на мозочни бранови, волонтери од Индија и Франција беа поврзани преку Интернет. Од едниот волонтер било побарано да мисли на зборовите „здраво“ („hola“) и „чао“ („ciao“), додека на другиот крај волонтерот слушал. Тимот објавува дека личноста која требала да ги прима зборовите успевала да „слушне“ што другиот мислел. Каде води ова сознание не можеме да знаеме, но интересно е да се размислува за вратата отворена кон прашања кои не можат да се одговорат. Општо земено, се чини дека овој период е навистина погоден за инспирацијата на научниците, зарем не?
Превод: Марина Димовска
Извор: Phys.org